Придобивките за децата се многубројни, но ќе наведам само неколку: подобрување на концентрацијата, логичко размислување и планско размислување, развивање на интелигенцијата, ги учи децата да го почитуваат противникот. Имајќи предвид дека во шахот најмногу се учи од изгубени партии, се развива чувството дека од грешките треба да се учи, вели Александра Гакидова, секретарка во управниот одбор на Шаховската федерација

Од септември шахот е на листата со изборни предмети во основните училишта во Македонија за децата од прво и второ одделение.
Шаховската федерација на Македонија (ШФМ) изминатиов период спроведе обуки за наставниците што сакаа да предаваат шах во основните училишта, а во рамките на програмата „Шах во основните училишта“. Обуките сѐ уште траат.

Александра Гакидова, секретарка во управниот одбор на Шаховска федерација, нѐ информира дека досега се обучени околу 200 наставници, а 50 од нив се заинтересирани да почнат со наставата од ова или од наредното полугодие.

Постигнавме солиден напредок

– Програмата ни беше одобрена од Бирото за развој на средината од август, што ни остави многу малку време да подготвиме сѐ за да се почне со настава од септември. Сепак, во овој краток период мислам дека постигнавме солиден напредок. Обучивме околу 200 наставници, 50 од нив се заинтересирани да почнат со наставата од ова или од наредното полугодие. Во основното училиште „Круме Кепески“ веќе се почнати часовите во три одделенија. Освен што ја подготви програмата, Федерацијата изработи и детална методологија за одржување на часот, достави материјали и линкови кои наставниците можат да ги користат на часовите.

Набавени се таблети на кои ќе инсталираме апликација за изучување на шахот, кои од наредната недела ќе им бидат доставени на наставниците за да може да го одржуваат часот. Секако, Федерацијата е тука во секое време да им помогне на наставниците со материјали, совети, дополнителни обуки и слично. Шаховската федерација на Македонија (ШФМ) има 32 сертифицирани ФИДЕ-тренери (тоа се сертификати од Светската шаховска федерација и се меѓународно признати) и поголем дел од нив имаат искуство во работа со деца – ни изјави Александра Гакидова.

Александра Гакидова

Ги учи децата да го почитуваат противникот

Изучувањето на шахот има многу придобивки: ги подобрува концентрацијата и меморијата, математичките вештини и читањето, логичкиот начин на размислување, креативноста и критичкото размислување. Помага при градење аналитички начин на размислување и пристап кон решавање на проблемите и подобрување на вештините за решавање проблеми. Стимулира еднаква работа и развој на двете мозочни хемисфери и создава работна навика.

– Придобивките за децата се многубројни, но ќе наведам само неколку: подобрување на концентрацијата, логичко размислување и планско размислување, развивање на интелигенцијата, ги учи децата да го почитуваат противникот. Имајќи предвид дека во шахот најмногу се учи од изгубени партии, се развива чувството дека од грешките треба да се учи. Ме радува што во Федерацијата има една група ентузијасти кои навистина од срце работат на овој проект, ме радува што имаше добар одѕив и од новинарите и се надевам дека ова ќе биде само почеток на еден многу успешен долгогодишен проект – дополнува Гакидова.

Најголем интерес има во училиштата од Аеродром, Кисела Вода, Битола, Тетово.

– Интересно е што се јавуваат дополнително наставници од училишта каде што веќе имавме обука кои слушнале од колегите, па сакаат и тие да учествуваат. Навистина за почеток има една убава атмосфера и желба нешто да се сработи, се надевам дека така ќе остане и дека ќе имаме убави резултати. Целта на овие часови не е да направи од сите деца шахисти и шаховски велемајстори, ниту да ги оптоварува со некои дополнителни материи за учење. Целта е децата низ игра и забава да се стекнат со нови вештини – посочува нашата соговорничка.

Секој час се чека со нетрпение

Ова се училиштата каде што има пријавено наставници кои држат часови по шах. Во некои училишта има по неколку одделенија. ООУ „Св. Кирил и Методиј“ и ООУ, „Кочо Рацин“ во Центар, ООУ „Браќа Миладиновци“, ООУ „Љубен Лапе“, ООУ „Ѓорѓија Пулевски“, ООУ „Лазо Ангеловски“ во Аеродром, ООУ „Гоце Делчев“ во Горно Лисиче, Аеродром, ООУ „Александар Македонски“, Аеродром. „Кузман Јосифовски Питу“, „Невена Георгиева Дуња“, „Кирил Пејчиновиќ“, „Круме Кепески“ во Кисела Вода, „Рајко Жинзифов“ во Драчево, Кисела Вода. Во „Св. Климент Охридски“ Кисела Вода, ООУ ,,Кирил и Методиј“ с. Романовце, Куманово. „Наим Фрасхери“ во Куманово. ООУ „Д-р. Трифун Пановски“, Битола, ООУ„Александар Турунџев“ с. Кукречани, Битола. ООУ „Коле Канински“ во Битола. „Кирил и Методиј“ и ООУ „Гоце Делчев“ во Тетово.

Наташа Костова

– На обуката што беше спроведена од страна на Шаховска федерација, идејата за воведување шах се виде како навистина интересна и нешто сосема различно кое ќе го поттикне нивниот интерес, начин на размислување и решавање проблеми. Наставата е предвидена да се одвива со 36 часа годишно како слободна активност за учениците од прво и второ одделение. Учениците го прифатија шахот со воодушевување и имаше огромен интерес кај нив, иако се само второ одделение. Играта, односно апликацијата преку која се воведуваат во основите на шахот, фигурите, потезите, правилата е нешто што дополнително го зголеми нивниот интерес, а тие со нетрпение го чекаат секој нареден час – ни сподели Наташа Костова, одделенски наставник во „Круме Кепески“ во Кисела Вода.



912

X