Дали да се даде лек за симнување на температурата, дали да се покрие убаво или да се расоблече, кога да се однесе на лекар… Ова се само дел од родителските дилеми кога детето ќе крене температура. Ги расчистува д-р Корнелија Ѓорѓиеска, лиценциран доктор по општа медицина. Д-р Ѓорѓиеска е соработничка на Деца.мк, а за здравјето на децата се грижи и во ординација и на терен

Речиси нема родител кој не се разбудил среде ноќ поради висока температура на детето. Колку е итна оваа ситуација?

– Вашето дете веќе навршува три години, повторно се буди од сон среде ноќ, а вас морници ве лазат бидејќи знаете дека гори од температура! Веројатно ова досега сте го искусиле, вашето малечко да се разбуди вознемирено во доцните ноќни часови, испотено и со вжештено чело. Првото нешто што ви доаѓа на ум е дека има покачена телесна температура, па во истиот момент земате топломер за да проверите дали е навистина така. Ова знае да биде многу стресно за вас, особено ако првпат станавте родител.
Најголем дел од високите температури кај дечињата не се сериозни и се предизвикани од вообичаени инфекции. Зголемената телесна температура е помошник во борбата со инфекциите бидејќи таа е неповолна за развојот на многуте вируси и бактерии што сакаат да го нападнат вашето дете. Но, зголемувањето на температурата може да настане и при други состојби и нарушувања во малечкиот организам, по вакцинација, дехидратација, при траума поради оштетување на ткивата, некои лекови, хормонално нарушување, инфламаторни и автоимуни болести.
Без разлика колку внимателно го следите секој негов потег, секое дете во даден период ќе има покачена телесна температура. Ова е многу честа ситуација, особено во текот на зимските месеци.
Повеќето од вас итно го носат детето до најблиската здравствена установа. Уочивте дека најмалку десетина деца, плачејќи, чекаат со истиот проблем пред педијатриската амбуланта, а сите се „случаи на итност“!
Драги мајки и татковци, не грижете се, најголем процент од случаите на зголемена температури се резултат на вирусна инфекција! Во таков случај лекувањето продолжува дома, само со воведување одредени општи мерки.

Кога може да кажеме дека сме измериле висока температура?

– Малите деца, во период од шест месеци до пет години, особено се чувствителни на фебрилноста. Високата температура може да се појави одеднаш, сосема изненадно (особено кај доенчињата и кај помалечките деца). За да кажеме дека е измерена висока температура, треба таа да биде повисока од 38 Целзиусови степени. Сè што е над таа бројка го нарекуваме зголемена телесна температура.

Како природно да се намали температурата? Дали помага затоплувањето на детето, рецепт останат од бабите?

– Доколку се работи за многу висока температура, запомнете, најпрво треба таа да се намали по природен пат.
Голем број родители и речиси сите баби се плашат да го откријат детето, „да не му биде студено“. Ова е голема заблуда, но исто така претставува опасност и за детето. Претоплувањето на детето дополнително ја зголемува температурата, како и ризикот од компликации.
Ладењето е најбрз и најефикасен начин за намалување на треската.
Кога станува збор за многу висока температура, над 39-39,5 Целзиусови степени, најдоброто брзо оружје е да се тушира детето со млака вода. Студената вода треба да се избегнува бидејќи е многу непријатна за дете што гори. Туширањето со млака вода (со температура на водата од 32 до 33 степени) или масирање на телото со крпа натопена во млака вода помага.
Доколку се одлучите за капење во кадичка или бања, тоа треба да потрае 20 до 30 минути. Потоа детето треба да се исуши и да се облече во лесна облека.
Не се препорачува масирање со раствор од алкохол и вода во однос 1:1 поради опасност од инхалација на алкохолната пареа и апсорпција преку нежната детска кожа. Ако на детето му студи (што се случува кога почнува да се качува телесната температура), можете да го покриете со лесна прекривка, а кога тоа ќе се стопли, прекривката треба да се тргне.
Советуваме детето да престојува во чиста и проветрена соба, температурата на собата да се одржува од 20 до 22 степени.

Кога треба да се даде лек за намалување на температурата?

– Ладењето на детето е неопходно, ефикасно, но и краткорочно. Доколку и покрај тоа температурата не се намалува, потребно е да се употребат лекови за да се намали температурата. Запомнете, лековите за симнување на температурата, антипиретици (парацетамол и бупрофен) се даваат ако таа е над 38,5 степени, односно 38 за оние што имале фебрилни конвулзии!!! Таа температура знае да го исцрпува и го нарушува комфорот и сонот на вашето најмило. Дозирањето на лекот е според телесната тежина на детето. Oвие лекови се даваат по потреба, односно само кога детето има зголемена температура и не пречесто.

Колку често може да се даваат антипиретиците?

– Лековите за намалување на температурата се даваат на шест до осум часа, тогаш кога измерената температура ќе биде поголема од 38-38,5 степени. Вие како родител често сте во дилема дали и колку лажици сирупче треба да се даде, и бидејќи се плашете да не претерате, обично давате помала доза отколку што е потребно. Се советува сирупите да се мерат во оригиналната доза на лажичката што се наоѓа во кутичето на сирупот или шприцот. Лековите кај децата се дозираат по килограм телесна тежина, а не по возраст. Така оние над 12 години и/или 40 кг земаат лекови дозирани како за возрасни. Доколку не знаете која доза да ја дадете, консултирајте се со фармацевт или лекар.

Кога мора да се оди на лекар?

– Расположено, задоволно дете кое добро јаде и спие, без оглед на зголемената телесна температура, помалку е загрозено од поспаното детенце, незаинтересираното, она што одбива храна или неправилно плаче. Фебрилното новороденче, кое прекинува или одбива храна, треба во најкраток можен рок да биде прегледано од педијатар! Тој врз основа на клиничкиот преглед, како и резултатите од лабораториските анализи (крвна слика и урина), ќе одлучи дали на тоа детенце му е потребен антибиотски третман или краток престој во болница.

Како да се препознаат компликации?

– Температура над 39 Целзиусови степени, појава на продуктивна кашлица, свирежи во градите, болка и зуење во ушите, обично се знак дека настанале компликации, па во тој случај консултирајте лекар!
Освен обидот да се намали температурата, што друго треба да се направи пред да се однесе детето на лекар? – Понудете му вода, сок, чај, супа, лесна храна, на која детето инаку се радува. Многу е важно да пие течности, повеќе отколку да јаде, па затоа не треба да се инсистира на исто количество на храна како кога не е болно.
Родителите во домашната аптека секогаш треба да имаат сируп за намалување на температурата што може да се купи во аптека и без лекарски рецепт. Забранета е употреба на препаратот ацетилсалицилна киселина кај деца до 12 години.

Има ли место за паника доколку се појават грчеви, фебрилни конвулзии?

– Некои деца можат да доживеат конвулзии (напади) додека имаат треска. Тие во медицинскиот свет се нарекуваат фебрилни конвулзии. Вашето дете може да има фебрилни конвулзии ако температура нагло се покачи. Понекогаш конвулзијата се случува кога родителите всушност не знаат дека нивното дете има треска. Нема потреба за грижа, фебрилните конвулзии не се вообичаени и обично не предизвикуваат долгорочни здравствени ефекти.
Кога се појавуваат фебрилните конвулзии првпат, обично родителите немаат соодветни лекови. Тоа може да изгледа многу драматично, но кај повеќето деца има добра прогноза. Детето е без свест, обично со фиксиран поглед, а потоа може да се смири. Обично ризикот за појава на последици е минимален, ако конвулзиите не траат повеќе од 20 минути. Вам можеби ви се чини цела вечност, но повеќето од децата прекинуваат да се тресат пред истекот на овој период. Доколку ова не престане веднаш, мора да се побара лекарска помош.
Инаку, не правете ја истата грешка како сите загрижени мајки и не разгалувајте ги вашите најмили кога се болни!



912

X