ПРАШАЊЕ: Моето дете има 2 години и 2 месеци и многу малку, односно многу ретко склопува реченици со 3-4 збора. Ги знае сите зборови и нивното значење, има навистина богат фонд на зборови од многу области, но ме мачи тоа што ние сме повеќејазично семејство, па така детето ги знае најголем дел од зборовите на македонски, потоа на српски, а знае нешто и на англиски. Ме плаши дека сѐ му е измешано во главата и дека можеби тоа е пречка за убаво да прозбори. Како да постапиме, затоа што јас и татко му му зборуваме на македонски, но откако ќе го чува баба му, тој со нас продолжува на српски?
ОДГОВОР: Вашето дете живее во богато јазично опкружување и многу е добро што има широк вокабулар и го разбира нивното значење. Децата на оваа возраст сѐ уште го организираат говорот и самиот процес на спојување на зборовите созрева.
Кај билингвалните деца често гледаме дека: детето собира зборови од различни јазици, ги користи функционално и флексибилно, а речениците доаѓаат малку подоцна. Тоа значи дека неговиот мозок работи со повеќе јазични системи истовремено, а тоа е голема когнитивна предност и не би требало да се доживува како пречка. Мешањето повеќе јазици е сосема нормално, детето го користи зборот кој му е најдостапен во тој момент, без емоционален товар околу „кој јазик е правилен или со кој треба да се служи“, така што јазикот е само средство за поврзување.
Би било добро вие да продолжете да му зборувате на македонски, како и досега, без корекции и без притисок. Кога ќе употреби српски или англиски збор, не прекинувајте го и не исправајте го, туку само одговорете природно на македонски. Значи, кога ќе биде кај баба и дедо, тие ќе му одговараат на српски. Избегнувајте да го коригирате или поттикнувате како „кажи вака“ наместо тоа, зборувајте му многу, опишувајте што правите, читајте сликовници, пејте песни и со текот на времето тој самиот ќе почне да ги поврзува зборовите кога ќе биде подготвен.
Ако детето разбира инструкции и воспоставува контакт, покажува, именува и има желба за комуникација, игра со вас, со текот на времето, а верувам наскоро, ќе почне и да прави подолги реченици. Ако по третата година сè уште нема промена во спојувањето на зборовите или ако почувствувате дека нешто ве загрижува, можете да се консултирате со логопед.
Доколку имате потреба од разговор и дополнителна помош, потребно е да закажете советување и психоедукација на sovetuvanje@gmail.com
Билјана (Манасова) Јовановиќ, https://www.facebook.com/PsihoterapevtManasova