градинка Прашај психолог

Моето внуче има 4 години и по траума од воспитувачката почна да мокри ноќе. Го преместивме во друга група, но што треба дополнително да преземеме?

ПРАШАЊЕ: Моето внуче има 4 години и по траума од воспитувачката во градинка повторно почна да мокри ноќе. Реагиравме во градинката, но воспитувачката почна да го казнува и да не му дава да игра со другарчињата, по што побаравме да биде преместен во друга група. Останува да видиме дали ќе се приспособи на новите другарчиња и новата воспитувачка и со тоа да се опушти и некако да се ослободи од ноќното мокрење. Но дали треба да преземеме нешто и со психолог и како побрзо да го спречиме мокрењето затоа што веќе си ги имаше стекнато навиките за одење во веце. И покрај поплаките од родителите, градинката ништо не презеде за воспитувачката, а имаме сознанија од родители дека таа понекогаш знае и да ги удри децата. И дали е дозволено децата во градинка да имаат ТВ во занималните?

ОДГОВОР: Ја разбирам вашата загриженост и желбата да му помогнете на вашето внуче. На оваа возраст, кога се јавува некаков регрес, најчесто заднината е емоционална. Иако детето претходно стекнало контрола, таа не е целосно стабилна и зависи од тоа колку се чувствува сигурно и емоционално стабилно. Причините можат да бидат различни, стрес или промена (градинка, нова средина, промена на групата, ново дете во семејството…), страв, несигурност, притисок, казни, емоционално преоптоварување кое детето сè уште не знае како да го изрази со зборови. Вашето внуче моментално се соочува со такви промени.

Од друга страна, детето нема доволно развиени капацитети да го процесира сето тоа што го доживува, а навечер, кога свесната контрола попушта, напнатоста често се покажува преку телото.

Би било добро да не се фокусирате премногу на мокрењето, да нема карање или срамење или зборување и фокусирање на тоа, пресоблекувањето да се одвива мирно и без коментари. Создајте смирена вечерна атмосфера, без телевизија и премногу возбуда. Обезбедете повеќе блискост и сигурност од родителите, повеќе време поминато во игра, цртање и шетање, мали избори во текот на денот, стабилна рутина и структура. Разговарајте со детето: Што му беше убаво во градинка, што го насмеа, што го налути, со кого играше?, тоа ќе му помогне да разбере како се чувствува.

Кога ќе се намали стресот и детето повторно ќе се почувствува безбедно, ваквите регресии природно се повлекуваат. Поддршката од најблиските, блискоста и смиреноста се многу важни за да се врати во својот нормален ритам. Детето чувствува кога е поддржано и кога има стабилност околу себе, и токму тоа му помага да се ослободи од напнатоста.

Телевизорот во градинка веројатно е во ред и може да се користи, но ограничено и со јасна цел. Тоа никогаш не треба да биде замена за играта, контактот и интеракцијата, кои се клучни за развојот кај децата. Доколку имате сознанија дека децата се удирани или несоодветно се казнуваат, обратете се во надлежните институции за помош.

Ако мокрењето продолжи подолго време, би било добро да се обратите на психолог за дополнителна поддршка и совети.

Доколку ви е потребна дополнителна помош, потребно е да закажете родителско советување и психоедукација на sovetuvanje@gmail.com

Билјана (Манасова) Јовановиќ, https://www.facebook.com/PsihoterapevtManasova

To top