ПРАШАЊЕ: Мајка сум на 3-годишно девојче и на 9-месечно синче. Ќерка ми многу е хиперактивна и постојано прави глупости, знае понекогаш да го искуби брат ѝ, да го удри или да му стави нешто во уста. Многу често плаче за ситници, а и кога плаче, вреска на цел глас, знае да почне сама да си ја кубе косата, да се гризне на раката и легнува на под. Постојано прашува што сум ѝ купила и ако ѝ купам нешто што не го сака, го зема и го фрла. Имаме и многу голем проблем со мобилниот, ако не ѝ го дадеме, почнува со плачење, викање, фрлање играчка и легнување на под.
Многу ретко знае да се заигра сама дома, а ми кажува дека во градинка со никој не си игра. Одбива да ѝ покажуваш нешто и кога ја учиш, не слуша и бега. Знаат и од градинка да ми се пожалат дека не е мирна и не ги слуша. Кога ќе направи глупост најчесто јас, татко ѝ или баба ѝ да ја казниме да стои во ќош. Потоа се извинува, но пак ја повторува истата грешка.
Разговарам постојано со убаво, но како да не ме разбира. Ве молам за помош, многу сум загрижена за нејзиното однесување.
ОДГОВОР: На оваа возраст децата се наоѓаат во интензивен воспитен процес, учат за правила и граници на однесување и сето тоа го усвојуваат преку низа обиди и грешки кои од родителите бараат доследност, конзистентност и кохезивност во постапувањето кон последиците.
Во овој период детето тешко се справува со своите емоции и лесната фрустрираност доведува до тантрумизации или емоционална нерегулираност. Во исто време, вашата ќерка има предизвик да го прифати новиот член на семејството и да му отстапи соодветна позиција на братчето. Со ова се справува тешко и има потреба да ги проектира чувствата врз него, негодувајќи му или да му покаже агресија. Постепено и полека, преку приказна и игра, почнете да го освестувате тоа чувство. Читајте ја приказната за принова во семејството која се наоѓа во прирачникот „Кога Мешко се лути“. Играјте ја таа сцена. Зборувајте колку таа е добра сестра, наградете го и пофалете го секој нејзин добар потег кон братчето. Негувајте го тоа некое време, сѐ додека не почувствувате дека се намалил стравот и таа се чувствува сигурна во својата позиција. За понатамошни интервенции, направете родителско советување со детски психолог со цел утврдување воспитни стилови и регулирање на воспитните насоки.
Одговара: Христина Стефановска, психолог за деца и адолесценти, Здружение „Психит“, е-пошта: hristina_psihologija@yahoo.com