Образование

Потребни документи за упис во средно училиште и како да го направите вистинскиот избор

Родители на деветтоодделенци,

Периодот на уписи носи возбуда, но и голема одговорност. За да бидете сигурни дека овој процес ќе помине во најдобар ред, ја подготвивме оваа листа со потребни документи и неколку клучни насоки за финалниот разговор со вашето дете.


ПОТРЕБНИ ДОКУМЕНТИ ЗА ЗАПИШУВАЊЕ

По успешното електронско пријавување, учениците ја доставуваат следната документација во избраното јавно средно училиште :

  • Пријава за запишување (учениците ја генерираат пријавата со печатење на електронската пријава преку системот за е-услуги);
  • Оригинални свидетелства од VI до IX одделение;
  • Дипломи за освоено I, II или III место од меѓународен натпревар и/или освоено I место на државен натпревар;
  • Извод од матична книга на родените (без оглед на датумот на издавањето);
  • Процена за попреченост од системот за процена на лица со попреченост.

ТРИТЕ СТОЛБА НА ОДЛУКАТА: КРЕАТИВЕН РАЗГОВОР ДОМА

Пред да ја финализирате одлуката, седнете заедно и направете „тест на реалноста“. Помогнете му на вашето дете да разбере дека изборот не е само желба, туку комбинација од три клучни работи:

  1. Поени и реални можности: Дали има доволен број на поени за упис во посакуваното училиште?
  2. Учење наспроти интерес: Дали е подготвено секојдневно да ги учи стручните предмети што ги нуди таа насока? Помогнете му да разбере дека треба да ги сака тие предмети, а не само името на професијата.
  3. Од предмет до професија: Најважно е да сфати дека тоа е неговата идна професија. Поттикнете го да ја „режира“ својата иднина: „Замисли дека веќе работиш. Опиши ми го твоето утро: Дали си во движење, меѓу многу луѓе и динамика или создаваш нешто во тишина, фокусирано и на едно место?“

Зошто е ова важно? Честопати децата се заљубуваат во теоријата на некој предмет, но не ја знаат реалноста на работата. Нашата улога е да им покажеме дека професијата е комбинација од вештини, околина и секојдневни одговорности.


ПОТСЕТНИК: РАБОТЕН ЛИСТ ЗА ПРОФЕСИОНАЛНО НАСОЧУВАЊЕ

За да ви помогнеме да ги споите желбите, поените и реалноста, ве потсетуваме на нашиот работен лист. Тој е вашата мапа која ќе ви помогне прецизно да ги мапирате желбите на вашето дете и да ги поврзете со средните училишта во вашиот град.

Линк до Конкурсот за упис во средни училишта во учебната 2026/2027

Поврзани написи

To top