Пред вас се кратки искуства на луѓе што поминале време или биле во контакт со домови за напуштени деца. Овие приказни не се тука за да нè растажат, туку да ни бидат еден вид шлаканица за освестување во моментите кога сме незадоволни од ситниците – од оценката на детето, од услугата на летување, од изборот на игротека или од понудата на попустите…
Исповеди што го менуваат погледот на светот
- Дедо Мраз во домот: Добив понуда да глумам Дедо Мраз. Мислев дека сум подготвен, но за тоа никогаш не си подготвен. Кога дојде редот за подароци, секое дете ми шепна на уво иста желба за следната година: да ги најде мама и тато или тие да го најдат него. Сите до едно. Потоа долго стоев надвор и плачев.
- Среќа во пакетче тестенини: Често престојував во дом и научив многу од тие деца. Никогаш нема да го заборавам момчето на кое мајка му му дојде во посета. Му донесе само едно пакување тестенини. Лицето му светеше од среќа само затоа што мајка му беше покрај него. А кај нас се драматизира ако бојата на новиот телефон не е вистинската…
- Ветената кутија: Со брат ми останавме сираци и бевме во дом до петтата година, а потоа нè посвоија во различни семејства. Последниот ден се скривме во една голема кутија за играчки и си ветивме дека ќе се најдеме. Станав морски биолог само затоа што тоа му го ветив тогаш во кутијата. Мене ништо во животот не ми треба, само него да го најдам.
- Утринскиот поздрав: Влегувам во собите на домот, ги кревам ролетните. Едно дете ми приоѓа и ја пика главата во мојот скут, обидувајќи се што подолго да остане во таа состојба: „Добро утро, мамо!“, ми вели. Тоа беа најтешките секунди во мојот работен ден.
- Татко по срце: Најдов момче на железничка станица, скитник кој побегнал од дом. Го зедов дома, го нахранив и го искапив. Не беше лесно, имаше кавги и извици: „Не си ми ти татко!“ Но, кога дојде време да вади лична карта, го зеде моето презиме. Одгледав прекрасен син.
- Вистинско дружење: Собиравме помош и им однесовме играчки и слатки на децата. Пред да си одиме, едно дванаесетгодишно девојче ми рече: „Баш ми е мило што дојдовте. Ми се допаѓа кога доаѓате да се дружиме, а не само да се сликате, па да си одите“.
Зошто е важна мислата на нив?
Обично на овие деца помислуваме за време на празниците. Им помагаме кога ни е згодно и кога социјалните мрежи ќе нè мотивираат. Но, можеби помислата на нив е позначајна од донирањето стара облека или издвојувањето пари за пакетчиња.
Мислата на нив го менува нашиот однос кон светот. Нè тера да ја спуштиме топката, да забавиме и да ги преместиме приоритетите. Нè учи да разликуваме битно од небитно. Тој однос нè прави поблагородни, а кога благородноста ќе се умножи кај секој од нас – светот ќе стане подобар и за нив.