Психолози од американскиот универзитет „Карнеги Мелон“ провериле дали поставките на ѕидовите во училниците имаат влијание врз детската способност да го задржат вниманието во текот на предавањата и да ги научат лекциите.

Мапи, цртежи, букви, броеви и други едукативни материјали често ги прекриваат ѕидовите на училниците во основните училишта. Сепак, судејќи по истражувањето објавено во „Психолоџикал сајенс“, списание на асоцијацијата на психолошки науки, премногу декорации на ѕидовите може да го нарушат вниманието на децата и да им го отежнат учењето.

Психолози од американскиот универзитет „Карнеги Мелон“ провериле дали поставките на ѕидовите во училниците имаат влијание врз детската способност да го задржат вниманието во текот на предавањата и да ги научат лекциите. Откриле дека во училниците со декорирани ѕидови децата се попречувани, поминуваат повеќе време не работејќи ги задачите и запаметиле помалку отколку кога декорациите биле тргнати.

– Малите деца поминуваат многу време, обично цел ден, во иста училница и ние покажавме дека визуелното опкружување во училницата влијае врз учењето – вели Ен Фишер, главен автор и вонреден професор по психологија на колеџот за друштвени науки и хуманистика.

Дали учителите би требало да ги тргнат декорациите од училниците врз основа на овие заклучоци?

– Ние на никој начин не предлагаме дека тоа е решение на сите образовни проблеми. Уште повеќе, потребни се дополнителни истражувања за да се дознае какво влијание има визуелното опкружување во училницата врз вниманието и способноста на децата во пракса – вели Фишер.
Поради тоа, таа препорачува наместо отстранување на сите декорации, учителите да размислат дали некои од визуелните поставки може да им пречат на децата во наставата.

За оваа студија 24 мали деца биле однесени во лабораториски училници и присуствувале на лекции за теми што им биле непознати.
Три лекции им биле предавани во училници со многу декорации, а другите три во училници со чисти ѕидови.
Резултатите покажале дека иако децата научиле понешто во двете училници, повеќе запаметиле оние во училницата без декорации.
Прецизно, процентот на точни одговори на тестовите бил поголем во училницата со чисти ѕидови (55 отсто точни одговори) отколку во декорираната училница (42 отсто точни одговори)

– Исто така, сакавме да дознаеме во случај да се отстранат декорациите, дали детското внимание би било одвлечено на нешто друго, на пр., разговор со соучениците, и дали истото време би го поминеле без да внимаваат на лекцијата – вели Годвин, докторанд на психологија и соработник во програмата за истражување на интердисциплинарна едукација.

Како и да е, кога истражувачите го пресметале времето што децата го поминале не работејќи ги задачите во двата типа училници, стапката на неследење на наставата била поголема во декорираните училници (38 отсто од времето поминато без да работат) отколку во недекорираните училници (28,4 отсто од времето поминато без да работат).

Истражувачите се надеваат дека овие откритија ќе водат до понатамошни студии кои ќе им помогнат на учителите оптимално да ги дизајнираат училниците.



912

X