За време на пандемијата на ковид-19 лекарите почнаа да забележуваат необичен феномен: значително е зголемен бројот на девојчиња кои рано влегуваат во пубертет. Покрај САД, слични извештаи објавија и Италија, Турција, Велика Британија, Индија и Германија. И за тоа не може да се обвини вирусот бидејќи зголемувањето на случаите не беше ограничен само на девојчињата заразени со ковид-19.

Додека возраста на која девојчињата влегуваат во пубертет постојано се намалува за околу три месеци, на секои 10 години од доцните 70-ти, се чини дека нешто се променило откако пандемијата го зафати светот. Педијатрите биле сведоци на предвремен пубертет кај сè поголем број девојчиња.

Според достапните стручни податоци, нормално е девојчињата да влезат во пубертет на возраст од 8 до 13 години. Ако тоа се случи пред 8-годишна возраст, тоа се нарекува предвремен пубертет. Глобалните статистики пред пандемијата покажаа дека само едно од 10.000 деца влегло во пубертет пред 8-годишна возраст. Сепак, пандемијата доведе до тоа овој број да почне да расте кај девојчињата, но не и кај момчињата.

Италијанско истражување објавено во февруари минатата година, во кое се опфатени пет педијатриски ендокринолошки центри, покажа дека меѓу март и септември 2020 година 338 деца биле упатени на дополнителни прегледи поради сомнежи за предвремен пубертет. Во истиот период во 2019 година тоа било случај со 152 деца.

Истражување објавено во август 2022 година, базирано на турска клиника за ендокринологија, покажало дека на двојно повеќе девојчиња им бил дијагностициран предвремен пубертет помеѓу април 2020 година и март 2021 година отколку во текот на две години пред почетокот на пандемијата.

Германско истражување засновано на еден медицински центар покажало дека бројот на девојчиња на кои им е дијагностициран предвремен пубертет се зголемил повеќе од двојно во првата година од пандемијата. Минатиот септември, на годишниот состанок на Европското здружение за педијатриска ендокринологија, беа претставени наодите од неколку студии за зголемената инциденција на раниот пубертет.

Причините се нејасни

Што се случува? Ако пандемијата е виновна, зошто?

Експертите нагласуваат дека засега нема докажани причини.

– Во моментов, не е можно директно да се поврзе траумата предизвикана од пандемијата со бројот на случаи – вели д-р Мари-Агате Трувин, клинички директор во Хопито де Париз.

Но, лекарите имаат неколку можни објаснувања. Претходните студии покажаа дека децата со прекумерна тежина или дебелина имаат статистички поголема веројатност да влезат во пубертет порано. Исто така, се наведува и продолженото време на екраните.

Бидејќи пандемијата доведе до седентарен начин на живот пред екраните и кај децата, како и намалени можности за вежбање и зголемување на бројот на дебели деца, некои веруваат дека тоа е веројатната причина за предвремен пубертет кај многу девојчиња.

Долгорочен тренд

Долго време се претпоставуваше дека возраста на која децата влегуваат во пубертет се намалува поради три причини, имено повисоки нивоа на дебелина кај населението и повисоки нивоа на стрес и токсини во околината.

– Ако размислуваме за пандемијата, не е изненадување што сѐ повеќе деца влегуваат во пубертет порано. Знаеме дека има огромен скок во стапките на дебелина во 2020 и 2021 година и гледаме зголемување на стапките на лошо ментално здравје кај децата. Најмногу затоа што живеат во стресни околности – истакнува професорката Ивон Кели од Универзитетскиот колеџ во Лондон.

Улогата на стресот

– Пандемијата беше трауматична за сите и има смисла децата да покажат знаци на рано созревање поради неа. Не сум изненадена од тие податоци – додава таа.

Сепак, истражувањето за ефектите од раниот пубертет посочува дека ова може да биде причина за загриженост. Студијата на Универзитетот во Бристол од 2020 година покажа дека и девојчињата и момчињата кои го достигнале пубертетот порано од нивните врсници имаат зголемен ризик од самоповредување во адолесценцијата. Други истражувања покажуваат дека тие се изложени на поголем ризик од проблеми со менталното здравје, како депресија.

Влегувањето во пубертет може да биде социјален предизвик за младите девојки и може да има негативни физички ефекти. Различни студии го поврзуваат раниот пубертет со полошо физичко здравје подоцна во животот, вклучително и поголем ризик од развој на рана срцева болест. Покрај тоа, има импликации за растот.

– Кога пубертетот започнува, растот на висината се забавува. Значи, ако девојчето има седум или осум години, не пораснало доволно. Штом ќе добие менструација, ќе порасне уште седум до десет сантиметри – објаснува Кели.

Да се ​​лекува или не?

Стандардниот третман за предвремен пубертет се лекови кои ги блокираат хормоните што доаѓаат од хипофизата и кои го активираат. Сепак, не сите се согласуваат со приказната дека предвремениот пубертет е во пораст – или дека треба да го третираме.

Д-р Питер Хејс, предавач на Универзитетот во Сандерленд, ја наведува можноста дека за време на пандемијата родителите имале зголемена загриженост за здравјето на нивните деца и имале поголема веројатност да пријават знаци на ран пубертет. Или, според него, поминувале повеќе време во физичка близина со своите деца за време на карантинот, така што имале поголема веројатност да забележат физички промени и промени во однесувањето.

– Фактот што повеќе деца имаат предвремен пубертет не значи дека тој е во пораст. Не грижете се премногу за долгата листа со болести кои наводно се поврзани со раниот пубертет. Лекарите секогаш се обидуваат да најдат такви проблеми за да оправдаат лекување на деца кои се совршено здрави, но случајно порано созреваат – вели тој.

Извор



912

X