Многу родители се прашуваат кога е вистинското време да воведат сол во исхраната на своето бебе и колку е тоа безбедно. Иако солта е составен дел од исхраната на возрасните, стручњаците препорачуваат претпазливост, особено во текот на првата година од животот.
Првата година – зошто не треба да се додава сол?
На бебињата помали од 12 месеци не треба да им се додава сол на храната. Натриумот е природно присутен во мајчиното млеко или во адаптираното млеко, а таа количина целосно ги задоволува сите потреби на бебето.
Додавањето сол кај бебињата под 1 година носи ризици:
- Оптоварување на бубрезите: Бубрезите во првите месеци од животот сè уште не се доволно развиени за да обработуваат поголеми количини натриум.
- Развој на вкус: Избегнувањето сол му помага на детето да развие природен вкус за храната и подоцна полесно да прифаќа помалку солена храна.
Особено треба да се внимава на индустриски преработената храна (готови оброци, сувомесни производи, сирења, грицки, конзервирана храна, кечап, соја-сос), кои можат да содржат скриени количини сол.
Кога и колку сол е дозволено по првиот роденден?
По навршување една година, можат постепено да се воведуваат мали количини сол, но секогаш умерено. Важно е да се има предвид дека на децата не им е потребна иста количина сол како на возрасните.
Препорачани максимални дневни количини на сол по возраст:
- Бебиња до 1 година: помалку од 1 грам сол дневно (без додавање сол во храната).
- Деца од 1 до 3 години: околу 2 грама сол дневно (вклучувајќи ја и солта што природно се наоѓа во сите намирници што детето ги јаде во текот на денот).
- Деца од 4 до 6 години: околу 3 грама сол дневно.
За споредба: Една кафена лажичка содржи приближно 5 грама сол, што значи дека препорачаната дневна граница многу лесно може да се надмине преку преработена храна.
Како да изградите здрави навики?
Најдобар избор за мали деца е разновидна исхрана заснована на свежо овошје, зеленчук, житарици, месо, риба, јајца и млечни производи, со што е можно помалку индустриски преработена храна. Градењето здрави навики во најрана возраст му помага на детето во иднина да развие здрав однос кон храната и да ја намали склоноста кон прекумерно солена храна.