Растењето во исто семејство и во исти околности не значи дека децата ќе развијат идентични карактеристики. Алфред Адлер, основачот на индивидуалната психологија, уште одамна забележал дека редоследот на раѓање силно ја обликува улогата на детето во семејството и неговиот поглед кон светот.
Иако родителите, правилата и љубовта се исти, секое дете расте во поинаква динамика. Разбирањето на овие разлики им помага на родителите да препознаат што му е навистина потребно на секое дете поединечно, наместо да ги третираат сите на ист начин.
Првородено дете: одговорност од мали нозе
Првороденото дете во почетокот го има целото внимание од родителите, но со доаѓањето на помладото братче или сестра го губи тој посебен статус. За да го поврати вниманието, често избира да биде „доброто дете“, послушно, сигурно и одговорно.
- Особини: Развива перфекционизам, потреба за ред и лидерски вештини (статистички, многу лидери се токму најстари деца).
- Препорака за родителите: Внимавајте да не го претворите најстарото дете во „помошен родител“. Преголемата одговорност може да му го одземе детството и подоцна да доведе до емоционална исцрпеност.
Средно дете: мајстор за компромиси
Средното дете постојано се наоѓа „помеѓу два огна“, постарото дете ги поставува стандардите, а помладото бара постојано внимание. Во таквите околности тоа брзо учи да се приспособува и да преговара.
- Особини: Развива извонредни социјални вештини, станува одличен посредник во конфликти и добро ги разбира луѓето околу себе.
- Препорака за родителите: Важно е да му дадете чувство дека е забележано и важно, преку мали лични избори што ќе бидат само негови.
Најмладо дете: слобода и креативност
Најмладите деца најчесто растат со помалку родителска контрола и со поголема слобода.
- Особини: Храбри, спонтани, шармантни и склони кон креативни професии. Втората страна на таа слобода може да биде избегнување на одговорноста и прекумерно потпирање на другите.
- Препорака за родителите: Задајте му на најмладото дете обврски и дајте му можност самостојно да ги решава проблемите, бидејќи самодовербата се гради преку сопствено искуство.
Единец: зрел индивидуалец меѓу возрасните
Единецот расте исклучиво во светот на возрасните, поради што созрева побрзо од своите врсници.
- Особини: Рано созрева, има високи стандарди за себе и за другите, амбициозно е и елоквентно. Сепак, може да му недостига искуство во рамноправни односи со врсниците.
- Препорака за родителите: Овозможете му доволно ситуации за дружење, игра и забава со други деца за да развие спонтани врснички односи.