ПРАШАЊЕ: Мојата ќерка има проблем со мокрење. Цела ноќ не мокри, но ако се најде во некоја непозната ситуација или, пак, се смее, се подмочува и не може да се контролира. Ова претставува проблем бидејќи оди во училиште. Како може да му помогнам на моето дете?
ОДГОВОР: Ја разбирам вашата загриженост. Од тоа што го опишувате, можно е да се работи за две слични ситуации. Кога се смее, самото смеење може да предизвика неволно мокрење и во тој момент детето едноставно не може да го запре, иако сака. И во непознати или стресни ситуации може да се случи нешто слично, односно вознемиреноста нагло да ја засили потребата за мокрење. Кога се работи за непозната ситуација, можно е самата нова средина да создава напнатост кај детето. Кога детето е вознемирено или несигурно, телото може да реагира со многу силна и ненадејна потреба за мокрење. Во таков момент може едноставно да нема доволно време да стигне до тоалет или да го запре мокрењето.
Затоа е важно да се обрне внимание што точно ѝ се случува во тие ситуации, дали се плаши, дали се срами, дали се чувствува несигурно, дали се грижи што ќе мислат другите или едноставно чувствува напнатост кога е во нова средина.
Би било добро да се обратите кај педијатар, а по потреба и кај детски уролог, за да се утврди точната причина.
Во меѓувреме, може да помогне редовно и планирано одење во тоалет, без да се чека до последниот момент, како и целосно да го испразни мочниот меур без брзање.
Доколку специјалистот процени дека е потребно, може да се препорача и биофидбек терапија, техника која преку визуелни сигнали или игра му помага на детето подобро да ги препознае и контролира мускулите на карличното дно. Кај одредени случаи може да биде многу корисна.
Ако забележите дека ваквите случки најчесто се појавуваат во непознати ситуации и се поврзани со видлива анксиозност или нервоза, би било добро паралелно да разговарате и со детски психолог за да ѝ помогнете полесно да се справува со напнатоста во нови ситуации.
Доколку ви е потребна дополнителна помош, можете да закажете родителско советување и психоедукација на sovetuvanje@gmail.com
Билјана (Манасова) Јовановиќ, https://www.facebook.com/PsihoterapevtManasova