Илина и Јована веќе имаат снимено десет песни, а во последната ги придружува и нашиот оперски пејач Кристијан Антовски

Тие се позитивно и весело семејство, а песната им е неизоставен дел од секојдневието. Во семејството Николовски нема ден, а да не се пее. Двете сестри Илина (9) и Јована (7) пеат уште од мали во придружба на татко им Сашо. Само Кристина, нивната мајка, не пее, но таа пишува песни за нејзините ќерки.

Илина и Јована веќе имаат снимено десет песни, а во последната ги придружува и нашиот оперски пејач Кристијан Антовски. Спотот за песната „Љубов“ е снимен на неколку локации во Скопје, меѓу кои и околината на Марков манастир.

Иако Илина е две години постара од Јована, тие изгледаат како близначки и неизбежно потсетуваат на сестрите Маријана и Росана, еден од најпрепознатливите дуети во Македонија.
– „Признавам“ и „Едно срце имам душо“ од Маријана и Росана се дел од омилените песни и многу сакаат да ги пеат. Често луѓето им велат дека потсетуваат на Маријана и Росана – вели Кристина.

Песните ги пишува Сашо, кој и самиот се занимава со музика, а текстовите ги пишува Кристина. Сашо досега има создадено над сто детски песнички. Вели дека секогаш се труди тематски и жанровски да се различни, да не потсетуваат една на друга.
– Инспирацијата ја наоѓам во секојдневните вибрации што ни ги дава животот. Различни животни приказни, ситуации и луѓе, околината и одредени емоции можат да ме инспирираат. Во последната песна идејата беше во аранжманот да се вклучи моќен машки вокал. Познавајќи го Кристијан, кој е оперски пејач, му предложивме да се вклучи во проектот и тој со задоволство веднаш прифати – објаснува Сашо.

Кристина вели дека девојчињата од многу рана возраст почнале да покажуваат интерес кон музиката. На првиот фестивалски настап на детскиот фестивал „Чунга Лунга“ во рамките на „Охридски трубадури“ Јована имала само 4 години. Денес таа е второ одделение, а Илина – четврто. Двете се ученички во нижото музичко училиште „Илија Николовски-Луј“. Најчесто сакаат да пеат македонски забавни поп-песни, евергрини, но и стари македонски народни песни.

Кристина вели дека кога ги пишува текстовите, секогаш се труди да ја види убавата страна на животот и низ текстовите да пренесе убава порака.
– Некои зборови поубаво звучат кога се испеани. Онаму каде што не може да допре зборот, може песната – вели таа.

На прашањето каква е состојбата со детските фестивали во Македонија и дали има доволно простор каде што децата би можеле да пеат, Сашо вели:
– Сè уште постојат детски музички фестивали, но освен тие, нема многу места каде што може да се пласира детска музика. Медиумите немаат одвоено доволно простор за детска музичка програма.
Кристина додава дека засега желбата на Илина и Јована е професионално да се занимаваат со музика. Што и да решат понатаму, тие ќе ги поддржат своите ќерки.
– Тие секогаш ја имаат нашата поддршка и голем дел од нашето слободно време е резервиран за нив, носејќи ги на часови по солфеж, пијано, пеење, настапи и гостувања – вели Кристина.



912

X