Доколку се исмеваме на детските емоции, голема е веројатноста да разберат дека ние ги омаловажуваме истите или, пак, доколку пробуваме да го поткупиме детето со нешто за да престане со ова однесување, го учиме како во иднина на тој начин да добива и други нешта од нас. И, секако, доколку на неговите емоции реагираме со викање или физички казнувања, можеби во иднина ќе научи дека не треба да ги споделува со нас и дека ние едноставно не сме „безбедни“ за него, вели психологот Тина Доковска.

Ако вашето дете има нервозни „испади“ во супермаркетот, во паркот или дома, ако легнува на улица и вреска бидејќи сте му ги испрале омилените чорапи, не грижете се бидејќи тоа е нормална фаза од развојот кај децата која се нарекува тантрум. Психологот Тина Доковска од „Промедика медикал центар“ ни објаснува како да се справите со овие изливи на бес кај детето, како да го смирите и кога да побарате стручна помош.

Д-р Доковска вели дека тантрумите се всушност бесни испади кои најчесто се проследени со гласно плачење и видлива нервоза кај децата. Варираат по интензитетот и по зачестеноста во јавувањето, а важна улога во нивното јавување има и темпераментот на детето. Се јавува речиси кај секое дете, односно еднакво е застапено и кај момчињата и кај девојчињата.

– Се јавува како резултат на неможноста вербално и точно да ги искажат своите потреби и чувства, а тоа, пак, води кон фрустрација која завршува на гореспоменатиот начин. Децата сѐ уште немаат развиено капацитети за социјално прифатливо искажување на емоциите. Нашите постари често умеат да кажат за овие фази кај децата: „Види го, се треска од земја, а не знае ни зошто, навистина ова дете не знае што сака!“ Всушност, тие деца знаат и разбираат, но не умеат да го искажат тоа. Интересно е дека речиси секогаш се јавува во присуство на родителот. Ова е фаза во која тие учат да кажуваат „не“, да покажуваат отпор и пркос, и ова е нормална фаза од развојот кај децата.

За која возраст се карактеристични тантрумите?

– Tие се карактеристични за возраст од 1 до 4 години, иако можат да се јават и малку подоцна. Највисокиот врв го достигнуваат на возраст од 2 до 3 години и сѐ почесто во литературата го сретнуваме и терминот кој го означува однесувањето на оваа возраст – „terrible twos”. Секако, вакви испади може да сретнеме и подоцна кај децата, ако најмногу или, пак, единствено на овој начин тие го добиваат потребното внимание од родителите. Поради ова, значајно е не само да не го занемаруваме туку, напротив, да го поткрепиме позитивното и посакувано однесување со убав збор и внимание.

Како родителите да ги препознаат тантрумите, како се манифестира нападот на бес?

– Бесните испади се всушност комбинација на две емоции, тага и лутина. Тоа резултира со една бомба од емоции која е премногу за едно мало дете што нема соодветен начин на изразување на истите. Така што, тоа може да вика гласно, да удира – по други и по себе, да плаче, понекогаш и подолго време, неутешно, да фрла со предмети, да се треска од/на земја…

Кога родителите треба да побараат стручна помош, а во кои ситуации сами може да се справат со детето?

– Родителите се експерти за своите деца. По правило, тие се оние што најдобро ги познаваат своите деца, оние што го знаат значењето на секое нивно движење, мимика, глас и воздишка. Со ова сакам да кажам дека во поголемиот број од случаите успешно се справуваат сами. Стручна помош треба да се побара доколку се повторуваат премногу често, траат премногу долго, кога постои можност детето сериозно да си наштети само на себе или на друг, бидејќи сето ова може да укажува на нешто друго, како, на пример, растројство во однесувањето или некое друго ментално нарушување. Исто така, треба да се посети стручно лице, односно психолог или психотерапевт кога родителите не успеваат да ги исконтролираат сопствените емоции на лутина, гнев или немоќ и беспомошност, како во однос на сопственото дете така и во однос на партнерот. Понекогаш родителите доаѓаат кога се во недоумица и сакаат едноставно да се консултираат, да видат до каде се тие во нивниот раст и развој како родители, па доколку е потребно, и да се изнајдат начини кои ќе го подобрат нивното досегашно однесување во однос на децата.

Кој е вистинскиот начин да се постапува со дете што има напади на бес. Кои се постапките што ќе го смират?

– Прво, колку и да е тешко, треба да пробаме, односно да се потрудиме да останеме смирени. Испадот може да се појави кога најмалку очекуваме, може да потрае извесно време, може да се наоѓаме на средината од редот додека чекаме на каса во продавница, може да чуствуваме и срам и така натаму, но важно е да се остане прибран, па народски кажано, наместо до 10, да изброиме до 100. Потоа треба да се потрудиме да ги разбереме децата, односно зошто баш сега е моментот кога ова се случува. Понекогаш може да е последица на замор, глад, преголема стимулација итн. Aко е ова случајот, може да работиме на превенција на овие испади, односно да не го оставаме детето предолго гладно, жедно, уморно или престимулирано од визуелни и други сетилни дразби. Она што е важно да се напомене е дека кај некои деца може добро да влијае time-out техниката, односно накратко да го промениме опкружувањето на детето и да го однесеме на помирно место и да почекаме испадот да помине или доколку така наложува ситуацијата и ние сме преплавени од бес, ние да ја напуштиме просторијата на неколку минути. Секако дека е важно детето да знае дека сме тука за него и дека без разлика на овој испад, тоа е сакано. Кога веќе ќе биде смирено и ќе му биде потребна нашата прегратка и утеха, ќе му објасниме зошто ваквото однесување не е во ред. Децата на овој начин учат кои се нашите заеднички граници, што е посакувано и прифатливо, а што не е.

Каде најчесто грешат родителите кога се во прашање тантрумите?

– Сите ние сме само луѓе и секако дека сите грешиме. Совршен родител не постои. Но, постојат родители што се трудат да го извлечат максимумот од себе за да го добијат максимумот кај своите деца. Можеби најголемата грешка ја правиме кога го пренасочуваме својот насобран стрес или бес кон децата, бидејќи тие во тој даден момент „ни ја прелеале чашата“ или, пак, кога предолго ги занемаруваме нивните потреби и во ова брзо секојдневие сѐ помалку имаме време за нив, но вистински – да сме присутни во заедничкиот миг. Сѐ почесто децата што доаѓаат на психотерапија знаат да кажат дека родителите им се само физички присутни и дека не ги слушаат што им зборуваат, туку дека гледаат во сопствените телефони, и ова е еден факт, само свртете се околу себе, па ќе се уверите. Секако, не треба да заборавиме дека децата учат најдобро од примерот што им го даваме како родители. Со ова сакам да кажам дека во ваквите бесни испади, кога детето не е во состојба да нѐ слуша од сопствениот плач и се наоѓа во една бура од емоции, последното нешто што треба да го направиме е да го казнуваме физички или и ние да почнеме да викаме. Откако детето ќе се смири и откако ќе му ја дадеме потребната утеха, ќе разговараме смирено бидејќи, како што напоменав, децата може немаат во оваа фаза голем фонд на зборови, но и тоа како добро чувствуваат и разбираат додека им зборуваме.

Какви последици може да има ваквото однесување врз детето?

– Во психологијата можеби има малку математика, но некои однесувања може со речиси математичка точност да ги претпоставиме и предвидиме. На пример, доколку се исмеваме на детските емоции, голема е веројатноста тие да разберат дека ние ги омаловажуваме истите или, пак, доколку пробуваме да го поткупиме детето со нешто за да престане со ова однесување, го учиме како во иднина да добива на тој начин и други нешта од нас. И, секако, доколку на нивните емоции реагираме со викање или физички казнувања, можеби во иднина ќе научат дека не треба да ги споделуваат со нас и дека ние едноставно не сме „безбедни“ за нив. Доколку разговараме смирено и ги учиме децата јасно да ги искажат сопствените емоции, било да се позитивни било негативни, ја почитуваме и уважуваме нивната личност, ние градиме една цврста врска која е темел на кој ќе ги градат сите понатамошни врски со значајните луѓе низ животот. А како во приказната за 3-те прасиња, секој би сакал куќа изградена од тули наместо од кал и слама, нели? Moжеби е помакотрпна таа „изградба“, но дефинитивно е повредна, подолготрајна и побезбедна. Важно е родителот да остане доследен и истраен во своите реакции, како во однос на овие конкретни испади така и во однос на целокупниот воспитен процес, бидејќи децата и покрај тоа што имаат потреба од сопствен хаос, имаат потреба и од сопствен ред, односно „познат терен“, сигурно место што треба да им го обезбеди родителот, а е од клучно значење за нивниот раст и развој како индивидуи.



912

X