Повеќето предвремено родени бебиња ќе се развијат како нивните врсници. Но, колку порано ќе се роди детето во однос на терминот, толку е поголема веројатноста дека ќе има одредени развојни проблеми. Повеќето бебиња кои се т.н. недоносени се родени од 34. до 36. недела. Нивните органи се генерално добро развиени, но сѐ уште има многу промени во мозокот. Овие бебиња имаат многу мал ризик од проблеми со белите дробови и невроразвојни тешкотии во споредба со децата родени во термин. По раѓањето можат подолго да останат во болница поради следење на исхраната и усогласување на цицањето, дишењето и голтањето.

Екстремно незрелите предвремено родени бебиња, пред 28. недела и со телесна тежина под 1.000 грама имаат најголем ризик за невроразвојни проблеми. Ризикот се зголемува доколку се појават различни компликации на органи и органски системи за време на престојот на неонатална интензивна нега.

Развој на говорот

Повеќето предвремено родени бебиња имаат нормално развиен говор, иако кај некои може да има доцнење. Тие може да имаат повеќе проблеми со изговорот и разбирањето на говорот отколку децата родени во термин. Проблемите со говорот понекогаш може да укажуваат на постоење поврзани проблеми, како што се проблеми со слухот, размислувањето и учењето.

Физички развој

Повеќето предвремено родени бебиња имаат редовен физички и моторен развој, иако некои бебиња може да бидат пониски и да тежат помалку од нивните врсници. Околу 40% од многу незрелите бебиња имаат блага моторна слабост. Исто така, тоа вклучува проблеми како:

-фина моторика – на пример, држење пенкало
-планирање – на пример, прескокнување пречки
-визуелно-моторна координација – на пример, пресликување облици
-сензомоторни вештини – на пример, кревање полна чаша без да се истури.

Некои предвреме родени бебиња имаат церебрална парализа. Ризикот од церебрална парализа е поголем кај екстремно незрелите предвремено родени бебиња и оние што биле многу болни за време на нивниот престој во одделенијата за неонатална интензивна нега.

Сетилен развој: слух, вид, сензорна чувствителност

Повеќето предвреме родени бебиња имаат типични проблеми со слухот, видот и сензорната чувствителност. Во споредба со доносените бебиња, предвреме родените бебиња може да имаат повеќе или помалку сериозно оштетување на слухот, но многу малку имаат толку тешко оштетување што бараат употреба на слушен апарат или кохлеарен имплант. На повеќето бебиња им се тестира слухот додека сѐ уште се во болница, така што повеќето проблеми ќе бидат откриени дотогаш. Некои се дијагностицираат подоцна, но многу е важно да се детектираат навреме бидејќи слухот е неопходен за развој на говорот, социјалните вештини и комуникацијата.

Предвреме родените бебиња имаат поголема веројатност да имаат оштетување на видот отколку нивните врсници родени во термин. Може да имаат далековидост, кратковидост, страбизам, чувствителност на контраст или проблем со перцепција на длабочина. Најтешките проблеми се откриваат во болницата. Многу незрели бебиња се прегледуваат рано, што овозможува лекување во првите месеци од животот. Некои родители велат дека нивните предвреме родени бебиња покажуваат сензорна чувствителност, како што е изразена чувствителност на погласни звуци или различни материјали. Некои бебиња не сакаат да ставаат ништо в уста и имаат проблем со хранењето. Тие, исто така, може да имаат намален праг на болка.

Развој на размислување и учење

Повеќето предвреме родени бебиња имаат типичен развој на полето на размислување и учење и немаат никакви проблеми во текот на училиштето. Малкумина ќе имаат нарушено размислување и учење. На пример, тие може да имаат проблеми со читањето, планирањето и исполнувањето на обврските. Понекогаш родителите не забележуваат ништо додека детето не тргне на училиште, кога ќе сфатат дека им е потребна дополнителна поддршка на училиште.

Социјален и емоционален развој

Повеќето предвреме родени бебиња имаат нормален социјален и емоционален развој, иако нивното однесување може да отстапува од однесувањето на врсниците родени во термин. На пример, предвреме родените бебиња во првата година од животот имаат помала веројатност да комуницираат со други отколку со терминските бебиња. Тие често може да изгледаат отсутни за да не бидат обземени од надворешни стимули и побрзо да станат раздразливи. Како што созреваат, тие се менуваат. Затоа е важно да се научи „говорот на телото“ на предвреме родените бебиња за родителите да знаат кога на бебето му е потребна стимулација и интеракција и кога сака да престане.

Ако детето има „социјални и емоционални проблеми“, тоа значи дека не се вклопува добро во неговата околина, врсничка група, не ги следи правилата. Повеќето деца имаат напади на гнев, се вознемируваат и сакаат да ги поместат границите поставени од нивните родители. Предвреме родените бебиња имаат поголема веројатност да имаат проблеми да се справат со своите чувства. Тешко им е да се смират, добро да јадат и добро да спијат. Некои можеби имаат недостиг на самодоверба и проблем со стекнување пријатели.

Предвреме родените бебиња, за разлика од децата родени во термин, имаат поголема веројатност за нарушувања како дефицит на вниманието (АДХД), некои од нарушувањата на спектарот на аутизам (ПСА), анксиозност или депресија, но тие сепак се ретки.

Автор: д-р Тања Милошевиќ

Извор



912

X