однесување Прашај психолог

Почна да лаже и се плаши да признае грешка… Како да постапам?

ПРАШАЊЕ: Почнува да лаже, страв му е да ја признае грешката иако знае дека нема да го карам. На секаков начин имам пробано да ја добие самодовербата што ја имаше, а веќе ја нема откако почна во школо. Тешко го прифаќаат соучениците бидејќи од друга населба дојде. За учење немам никаков проблем, како ни за комуникација. Учителките го фалат дека е активен и дека ако нешто не му е јасно, прашува.

ОДГОВОР: Не сте навеле колку години има вашето дете, а возраста е важна за да можеме попрецизно да го разбереме неговото однесување и начинот на кој во овој момент ја доживува грешката, одговорноста како и односите со другите.

Ме радува што покажува иницијатива и добро се снаоѓа во училиште. Велите дека активно учествува, прашува кога нешто не му е јасно, добро комуницира и наставничките го препознаваат како активно дете. И тоа е многу добро, тој знае да комуницира, да бара помош и да се снаоѓа.

Од она што го опишавте, во принцип, секое дете лаже за да избегне нешто што во моментот му е непријатно, без разлика дали тоа е казна, разочарување, срам, чувство на вина, конфликт или соочување со сопствената грешка. Од една страна, се плаши да ја признае грешката иако знае дека нема да го карате, а тоа значи дека стравот веќе не е само поради вашата реакција, туку дека во него се развило чувство дека грешката е нешто што треба да се сокрие. Од друга страна, важно е да видите што значи оваа грешка за сликата што тој ја има за себе, дали во неговото доживување „јас направив грешка“ е еднакво на „јас сум лош“, „не сум доволно добар“ или „ќе разочарам“. На овој начин се поврзуваат и неговото лажење, стравот од грешка и промената во самодовербата што ја забележувате откако почнал на училиште.

Кога детето преминува во нова средина, како новото училиште, не се менува само местото каде што учи, туку тоа влегува во нова група, запознава нови деца, со тоа гради и нови односи и повторно го бара своето место меѓу нив.

Ако на почетокот потешко бил прифатен затоа што дошол од друга населба, тоа може да влијае врз неговото чувство на сигурност и припадност. Детето тогаш почнува повеќе да размислува како го гледаат другите и дали е доволно прифатено.

Би ве советувала да се обидете да разберете што е толку тешко да се поднесе кога ќе се направи грешка. Кога ќе излаже, наместо веднаш да се задржите на самата лага, можете да кажете:

„Гледам дека ти е тешко да ми кажеш што навистина се случило. Сакам да разберам од што се исплаши.“ „Ми значи што ми кажа што навистина се случило. Грешката може да се поправи. Важно ми е да знаеш дека можеш да ми кажеш и кога си згрешил.“

Со повторување на ваквите искуства, детето постепено ќе научи дека може да погреши, да ја признае грешката и повторно да се чувствува сигурно во односот со вас, родителите.

Во однос на самодовербата, продолжете да го забележувате она што реално го прави добро, но обидете се пофалбата да биде поврзана со неговиот напор, храброст и начинот на кој се справува со нешто, а не само со успехот.

На пр: „Ми се допадна што праша кога не разбра во училиште.“ „Видов дека не се откажа иако ти беше тешко.“ „Убаво е што имаш храброст да кажеш кога нешто не ти е јасно.“

Најважно е детето постепено да почувствува дека неговата вредност не зависи од тоа дали секогаш ќе направи сè правилно. Да знае дека може да згреши, да каже што се случило, да размисли како може тоа да го поправи и повторно да се чувствува прифатено и сигурно.

Доколку ви е потребна дополнителна помош, можете да закажете родителско советување и психоедукација на sovetuvanje@gmail.com

Билјана (Манасова) Јовановиќ, https://www.facebook.com/PsihoterapevtManasova

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top