однесување Прашај психолог

Син ми има 14 години и на мобилниот му најдов снимка како пуши цигари со другарите… Како да постапам?

ПРАШАЊЕ: Имам 14-годишен син и пред две недели на телефон му најдов снимка со другарите како пушат цигари. Му објаснив дека тоа не е во ред, дека се многу мали за таква навика, се трудев на смирен начин да му ги кажам сите штети што можат да настанат од цигарите. Но воопшто не сум допрела до него. Вчера на училиште запалил во вецето. Како мал беше толку амбициозно и весело дете, се радуваше на ситници, а последниве две години е многу сменет. Ништо не го интересира и прави вакви глупости. Како да постапам и што да направам за да не тргне по некој лош пат?

ОДГОВОР: Разбирливо е што сте загрижени, но децата на оваа возраст го истражуваат животот, и понекогаш животот на возрасните, пробуваат и учат последици од она што пробале да го направат.

Обидете се разговорот со него да не започне со: „Зошто го направи тоа?“, туку со:
„Забележувам дека во последно време не си истиот. Не сакам само да те карам за цигарите. Сакам да разберам како си ти и што ти се случува.“ Слушајте повеќе отколку што објаснувате. Во исто време, поставете јасна граница:
„Разбирам дека сакаш да пробуваш и да носиш свои одлуки, но пушењето не е нешто што ќе го игнорираме. Ќе разговараме и ќе најдеме начин да се справиме со ова.“ Избегнувајте долги предавања, заплашување и етикети како „лош пат“, „лошо друштво“ или „го уништуваш животот“. Тие често го затвораат адолесцентот уште повеќе.

Целта не е само да го спречите во постапките, туку да разберете зошто на едно дете кое порано било амбициозно сега му е потребно нешто како цигара, ризично однесување или друштво за да се чувствува поинаку.Ова е период во кој границите се тестираат, но истовремено е период во кој односот со родителот може многу да влијае.

Одговара: Христина Стефановска, психолог за деца и адолесценти, Здружение „Психит“, е-пошта: hristina_psihologija@yahoo.com

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top