Здравје

Можеме ли да го намалиме разболувањето на децата во градинка и училиште?

Враќањето во детските колективи секоја есен носи познато сценарио, кашлање, течење на носот, покачена температура и чести отсуства. За децата на претшколска возраст, честите вирусни инфекции се очекувани бидејќи тие од еден вирус влегуваат во друг.

Целта на превенцијата не е целосно да се избегне секој вирус, туку да се создадат услови за силен имунолошки систем и побрзо закрепнување.

Основни столбови за зајакнување на детскиот имунитет

Според Светската здравствена организација, способноста на организмот да се одбрани е поважна од самата изложеност на вирусот. Еве ги основните навики што ја градат детската отпорност:

  1. Квалитетен сон: За деца до 5 години не се препорачува заспивање по 21:00 часот. На децата од претшколска и рана училишна возраст им се потребни минимум 8 до 10 часа непрекинат сон.
  2. Разновидна исхрана и хидратација: Исхраната треба да содржи овошје, зеленчук, житарици, протеини (месо, риба, јајца, мешунки) и млечни производи. Најдобар избор за хидратација се водата и незасладените чаеви.
  3. Престој на свеж воздух: Студеното време не е причина за останување дома. Секојдневната игра на отворено е задолжителна, додека престојот во игротеки и пред екраните треба да се сведе на минимум.
  4. Хигиенски навики: Редовно миење на рацете со сапун и учење на детето да ја покрива устата при кашлање и кивање.

Улогата на цревата во одбраната од вируси

Дали знаевте дека над 70 % од имунолошките клетки се наоѓаат во цревата? Истражувањата покажуваат дека здравата и балансирана цревна микробиота има клучна улога во начинот на кој телото се бори со инфекциите.

Вклучувањето ферментирана храна, влакна (пребиотици) и пробиотски култури во исхраната, секогаш во консултација со педијатар, помага во одржувањето на цревната рамнотежа и ја намалува зачестеноста на респираторните и дигестивните пречки кај децата во колектив.

Кога веднаш да одите на педијатар?

Обичните вируси поминуваат со одмор и течности. Сепак, задолжителен преглед е потребен доколку забележите:

  • Упорна и висока температура проследена со влошување на општата состојба;
  • Отежнато или забрзано дишење;
  • Груба кашлица;
  • Изразена премаленост или претерана поспаност;
  • Одбивање течности, повторувачко повраќање и знаци на дехидратација.

Честите настинки во првите години од градинка не значат автоматски „слаб имунитет“, туку период во кој организмот природно гради отпорност кон опкружувањето.

Извор

Поврзани написи

To top