ПРАШАЊЕ: Од дете што со песна си одеше во градинка, на врата влегуваше без поздрав и трчаше кај децата, почна да плаче до зајдување и да не сака да влезе. Работата е што во текот на денот таму повремено се смирува, а кога ќе му текне, пак плаче. И воспитувачката кажува дека е како на клинци, не е опуштен. Често со поглед ги следи учителките каде одат и плаче ако излезат од занималната. Неколку пати ми кажа дека му е страшно, дека плаче за мене. Не му е страв од децата, од учителките, туку од градинката.
Инаку, има 4 години е многу е чувствителен. Како да му помогнам да почне да ја чувствува градинката како безбедно место.
ОДГОВОР: Ја разбирам вашата загриженост. На таа возраст децата сè повеќе го запознаваат светот околу себе, забележуваат нови работи и почнуваат да ги доживуваат ситуациите на поинаков начин. Нешто што претходно им било вообичаено и безбедно, со текот на развојот може да добие поинакво значење. Во овој период се развива и нивната имагинација, додека, способноста да ги разберат, објаснат и регулираат сопствените чувства сè уште е во развој. Поради тоа, различните искуства, промени или ситуации што ние, возрасните, ги сметаме за секојдневни можат да предизвикаат страв кај детето.
Можно е да се испреплетуваат повеќе доживувања и стравови што тој сè уште не знае јасно да ги препознае и да ги изрази со зборови.
Кога вели дека му е страшно и дека плаче за вас, тоа е неговиот начин да ви покаже дека во тие моменти му е потребна вашата близина за повторно да се почувствува сигурно.
Како можете да му помогнете?
Важно е да го прифатите неговиот страв без да го убедувате дека нема од што да се плаши бидејќи за него стравот е реален. Преку игра со кукли, цртање или играње градинка дома, оставете му простор да го изрази она што сè уште не може да го објасни со зборови. Можете да ги менувате улогите, па тој да биде воспитувачката, а вие детето, или обратно. На пример, можете да измислите приказна за мече што се плаши да остане во градинка и воспитувачка што му помага. Прашајте го што би можело да му помогне на мечето. Можете да му предложите и заедно да го нацртате стравот: „Ајде да цртаме заедно. Ако твојот страв имаше боја или форма, како би изгледал?“ Не инсистирајте да црта или да зборува ако не сака. Важно е да има простор да се изрази на свој начин.
Кога сте заедно, во текот на прошетка или возење, можете ненаметливо да разговарате за неговиот ден. Прашајте го: „Кој дел од денот во градинка ти беше најтежок?“, „Што ти беше најинтересно?“, „Што би сакал воспитувачката да направи кога ќе ти биде тешко?“ или „Што ти помага да се чувствуваш подобро кога ќе се исплашиш?“
Не мора да му ги поставите сите прашања одеднаш. Ако не знае да одговори, можете да му кажете: „Не мора веднаш да знаеш, можеме заедно да размислиме.“ Избегнувајте прашања што однапред му сугерираат одговор, како: „Дали се плашиш дека воспитувачката ќе те остави сам?“ Наместо тоа, оставете го тој да ви каже што го загрижува.
Водете сметка и за начинот на кој вие реагирате бидејќи децата учат од родителите. Ако тој забележи дека сте многу загрижени или се плашите дека нема да може да се снајде, тоа може дополнително да ја зголеми неговата вознемиреност.
Ако ве праша дали мора да оди во градинка, одговорете смирено и јасно: „Да, утре ќе одиш во градинка. Знам дека сега ти е тешко, но воспитувачката ќе биде со тебе, а јас ќе дојдам по тебе како што сме се договориле.“
Можете да му понудите да избере нешто мало што ќе го земе со себе во градинка како, марамче, играчка или друг предмет што му е драг. Тоа може да биде негов мал потсетник на домот и на вас во моментите кога ќе му недостигате. Важно е самиот да го избере предметот и да знае дека може да го држи кога ќе почувствува потреба, доколку градинката го дозволува тоа.
Разговарајте и со воспитувачките, на кој начин е најдобро да му помогнат. Бидејќи тие забележале дека постојано ги следи, да му кажат кога излегуваат и дека ќе се вратат. На тој начин, преку ваквите повторени и предвидливи искуства, тој постепено може да ја обнови довербата во возрасните во градинката.
При разделувањето наутро бидете смирени, нежни, но доследни. Не заминувајте незабележано, но избегнувајте долги преговори.
На вашето дете не му е потребно веднаш да престане да се плаши, туку да почувствува дека сте го разбрале, дека има на кого да се потпре и дека не мора само да се справува со она што го вознемирува. Со вашата смиреност, разбирање и поддршка, како и преку сигурни и предвидливи односи со воспитувачките, постепено може повторно да ја изгради довербата во градинката.
Доколку ви е потребна дополнителна помош, можете да закажете родителско советување и психоедукација на sovetuvanje@gmail.com
Билјана (Манасова) Јовановиќ, https://www.facebook.com/PsihoterapevtManasova