При електронски упис не е потребна достава на Извод од матична книга на родените, со оглед на тоа што податоците врз основа на единствениот матичен број на детето се црпат системски и автоматски од Националниот регистар на население, велат од МОН

Потврда дека детето ги примило сите задолжителни вакцини, потврда за офталмолошки преглед издаден од јавна здравствена установа, Извод од матична книга на родени, како и потврда за извршен стоматолошки преглед… се документите што ќе им бидат потребни годинава на родителите за да можат да ги запишат своите деца-првачиња на училиште. Оваа година, покрај доставување документи со физичко присуство, има опција и за онлајн-пријавување, кое ќе почне од 1 мај, а ќе се одвива преку порталот uslugi.gov.mk.

Во однос на документацијата, родителот е должен да достави (или да прикачи, доколку го пријавува детето електронски) потврда за примените задолжителни вакцини и потврди од офталмолошки и стоматолошки преглед издадени од јавна здравствена установа. При електронски упис не е потребна достава на Извод од матичната книга на родените, со оглед на тоа што податоците врз основа на единствениот матичен број на детето се црпат системски и автоматски од Националниот регистар на население – информираат во Министерството за образование и наука.

Нема опција документите да се обезбедат без физичко присуство

Иако не добивме конкретен одговор на прашањето што ќе направи МОН за да не мора родителите да се рашетуваат по установи за да ги обезбедат потребните документи, сепак, од нивниот одговор се заклучува дека родителите/старателите ќе мораат со физичко присуство да ги обезбедат потврдите директно од јавните здравствени установи. Со нив ќе треба да појдат и децата за да им бидат извршени прегледите на стоматолог и на офталмолог за да можат потоа документите да им бидат издадени.

Во МОН потенцираат дека согласно Законот за основно образование, уписите во прво одделение почнуваат во мај, но секако продолжуваат и потоа, со оглед на тоа што има родители и деца кои поради какви било оправдани причини немаат можност да го остварат правото на образование во тој период.

Оваа година првпат пријавувањето и поднесувањето на документите, покрај стандардниот начин со физичко присуство во училиштето, ќе може да се врши и електронски – додаваат од МОН.
Лекарските потврди што се земаат во поликлиниките кои се дел од пунктовите за вакцинација, како и оние што се вадат во ординациите за детска превентивна стоматологија се бесплатни. Единствено право да наплаќаат за нив имаат матичните лекари.

На прашањето што со родителите кои се во изолација или, пак, одбиваат во време на пандемија да ги носат нивните деца на прегледи за да ги извадат потребните потврди, од МОН ни одговорија?

– Доколку при запишување на дете во прво одделение, родителот не достави потврда за извршен офталмолошки и стоматолошки преглед, потребно е да приложи упати за вршење на прегледите. Училиштето потребно е условно да ги прими документите на ученикот и да му појасни на родителот дека треба да донесе потврди за извршен и офталмолошки и стоматолошки преглед веднаш по добивање на истите, но не подоцна пред започнување на учебната 2021/2022 година.

Уписите ќе почнат на 1 мај и ќе траат до 31 мај

Сите родители имаат можност да ги достават документите онлајн, скенирани и прикачени заедно со пријавата. Потоа ќе им биде определен термин кога ќе треба да дојдат со своите деца на интервју во училиштето.

– Интервјуата со децата ги прават членовите на комисијата за упис. Целта е да се види колкави се познавањата и емоционалната зрелост на детето. Имаме и посебен член во Законот за децата со посебни образовни потреби. Од 1 мај ќе почне пријавувањето и ќе трае до 31 мај. Има рокови, ќе се почитуваат протоколите, имаме средства за дезинфекција и услови за да ги спроведеме уписите – вели Петар Арсеновски, директор на едно од најголемите училишта во државава, „Лазо Ангеловски“.

Во училиштето лани се пријавиле 270 првачиња, па било проблем да се запишат сите. Годинава очекувањата се дека бројот ќе биде помал, но истовремено во училиштето се доградуваат и четири нови училници за да се задоволи потребата од просторни услови.

Што ако детето не е подготвено за на училиште?

Како што стои во членот 46 од Законот за основно образование, родителот е должен да го запише детето кое до крајот на календарската година ќе наполни шест години. По исклучок, детето може да се запише во прво одделение ако наполни шест години до 31 јануари наредната година, по претходно барање од родителот и добиено мислење од педагогот и психологот во училиштето.
Запишувањето на детето на барање на родителот, здравствената установа може да го одложи за една година ако се утврди дека детето не е подготвено да оди на училиште. Во ваков случај, родителот кај матичниот лекар закажува термин за Заводот за ментално здравје на деца и младинци. Во Заводот тим педијатар и психијатар разговараат со детето и со заедничко мислење кажуваат дали детето треба да продолжи или не. Се пишува во потврдата дали да се запише во прво одделение или не и се даваат препораки дали да вежба со дефектолог, логопед и слично. Оваа потврда се наплатува со партиципација за прегледот, односно чини 250 денари, а некои дечиња се ослободени, зависно од дијагнозата или состојбата.



912

X