ПРАШАЊЕ: Мојот син има две години и веќе неколку месеци ги удира и турка своите две постари сестри. Кога ќе почнат да плачат, ги прегрнува, свесен е дека тоа што го направил не е добро. Како да го одвикнам од тепањето?
ОДГОВОР: На таа возраст децата постепено почнуваат да се одвојуваат од нас, родителите, и да го градат своето „јас“. Тоа е еден многу интензивен период и за детето и за нас како родители.
На две години детето почнува да го истражува светот и сè уште нема доволно развиен говор и капацитет да каже што точно чувствува, што му треба или што го фрустрира. Затоа, често реагира преку телото – со туркање, удирање или буткање. Во оваа возраст децата постојано ги тестираат границите и учат преку реакциите на другите: „Што ќе се случи ако го направам ова?“
Ова однесување најчесто не е свесна намера да повреди некого, туку реакција на силна емоција, возбуда, љубомора, фрустрација или потреба која не знае поинаку да ја изрази. Дополнително, ако сестричките реагираат со многу емоции, плачење или смеење, нему тоа може да му стане интересно и несвесно да го повторува однесувањето. За него тоа е како еден вид игра.
Родителите често можат однапред да препознаат кога детето е блиску до вакви реакции. На пример, кога е уморно, гладно, преоптоварено со многу стимули, кога му треба повеќе внимание или кога има промени во рутината. Малите деца многу потешко се справуваат со непредвидливост и токму затоа структурата во секојдневието им дава чувство на сигурност.
Редовниот ритам на спиење, јадење, игра и одмор му помага на детскиот нервен систем полесно да се регулира. Кога денот е предвидлив, детето се чувствува побезбедно и има помала потреба преку однесувањето да „проверува“ што се случува околу него. Затоа, потрудете се да има структура во денот, кога станува, кога јаде, кога шетате, кога легнува да спие, да има дремка .. итн.
Најважно е вие да останете смирени, но доследни. Без викање, без долги објаснувања или казнување. Во моментот кога ќе удри, смирено запрете го: „Не удираме. Тоа боли.“ Потрудете се да му помогнете да ги препознае чувствата и именувајте ги: „Гледам дека си лут.“ „Тешко ти е.“ „Сакаше нешто?“ Честопати покажувајте како изгледа нежноста: „Види, вака се галиме.“ „Ајде да ја прегрнеме сестра ти.“
Ако протестира и се лути, тргнете му го рачето, оддалечете го кратко од ситуацијата и останете блиску додека се смирува. На оваа возраст детето не може само да се регулира, поради тоа потребен му е смирен возрасен кој ќе му помогне да се врати во чувство на сигурност.
Со време и со повторување, граници и многу трпение, детето постепено ќе учи дека емоциите се дозволени, но дека не смееме да повредуваме кога ги чувствуваме. Знам дека може да биде многу напорно со повеќе деца на помала возраст, но верувам дека ќе успеете. 🙂
Доколку ви е потребна дополнителна помош, можете да закажете родителско советување и психоедукација на sovetuvanje@gmail.com
Билјана (Манасова) Јовановиќ, https://www.facebook.com/PsihoterapevtManasova