Здравје

Смеат ли децата да пијат газирани сокови? Еве до која возраст не се препорачуваат

Газираните сокови се честа тема за дебата меѓу родителите. Иако децата едноставно ги обожаваат поради слаткиот вкус и меурчињата, нутриционистите и педијатрите се едногласни: газираните сокови немаат никаква хранлива вредност и не смеат да бидат дел од секојдневната исхрана на децата.

Прашањето што го мачи секој родител е кога е безбедно (ако воопшто е) да му се дозволи на детето да се напие ваков сок? Еве ги официјалните стручни препораки.

Строго правило – без газирани пијалаци до третата година!

Педијатрите нагласуваат дека на малите деца до втората или третата година од животот воопшто не треба да им се даваат газирани пијалаци.

Во овој период детскиот организам интензивно се развива, а ваквите сокови можат сериозно да го нарушат развојот на здрави навики во исхраната, да го преоптоварат црниот дроб со вештачки шеќери и да ја уништат нежната глеѓ на првите запчиња. Во оваа рана возраст единствениот извор на хидратација мора да биде водата, покрај млекото кое е дел од секојдневното мени.

Што е со постарите деца? Дури и „зеро“ верзиите се опасни!

Кај постарите деца повремената консумација на газирани сокови може да се дозволи, но во строго контролирани и минимални количини. Многу родители мислат дека прават подобар избор доколку купат сокови со ознака „лајт“ или „зеро“ (без шеќер), но експертите предупредуваат дека тоа е заблуда.

Проблемот со газираните пијалаци не е само шеќерот. Тие содржат високо ниво на киселини кои директно ја нагризуваат забната глеѓ и го зголемуваат ризикот од појава на кариес, без оглед на тоа дали сокот содржи вештачки засладувач или обичен шеќер.

Правила ако детето веќе пие газиран сок:

Ако во одредени ситуации (како родендени или празници) одлучите да направите исклучок, придржувајте се до овие правила:

  • Само со оброк: Сокот треба да се пие за време на ручекот или вечерата, а не помеѓу оброците како ужина. Храната помага делумно да се неутрализираат киселините во устата.
  • Никогаш пред спиење: Консумацијата пред легнување е најкастрофалното нешто за забите бидејќи во текот на ноќта се намалува лачењето на плунка, па шеќерот и киселините со часови остануваат на детските запчиња.
  • Исклучок, а не навика: Детето мора да разбере дека газираниот сок е резервиран за посебни пригоди, а не нешто што се наоѓа во фрижидерот секој ден.

Здрави алтернативи за секој ден

За секојдневно гасење на жедта, чистата вода е незаменлива. Како поздрава и вкусна замена за газираните сокови, на вашите деца можете да им понудите:

  • Природно цедени сокови разредени со вода.
  • Ладни овошни чаеви без додаден шеќер.
  • Свежо овошје кое природно содржи витамини, вода и неопходни растителни влакна.

Навиките што се формираат во раното детство остануваат за цел живот. Наш предизвик е да ги научиме децата дека газираните сокови не се замена за водата!

Извор

Поврзани написи

To top