По враќањето од светскиот натпревар во Италија, Вања си продолжи со неговото секојдневно усовршување. Постојано вежба. Месецов се одржа прелиминарната етапа од HIPPO 2023 натпреварот и сега чекаме резултати, а се одржа и општинскиот натпревар по англиски јазик ELTAM каде што освои прво место и со тоа си овозможи понатамошен пласман и на регионалниот дел, споделува неговата мајка Милена
Основецот Вања Ѓорѓиоски од Прилеп освои прво место на светското финале на натпреварот по англиски јазик „Хипо“. Тој учествуваше во финалето, кое се одржа од 28 до 30 септември во Рим, Италија, и се натпреваруваше со ученици од целиот свет: Италија, Хрватска, Србија, Романија, Бугарија, Латвија, Тунис, Малезија, Египет, Филипини, Виетнам и многу други.
– Од 28 финалисти во категоријата хипо 1, го освои првото место и доби златен медал, светски признат сертификат за неговото познавање на англискиот јазик и школарина. Неговата менторка, наставничката Фросина Ацевска, доби бесплатен TEFL курс – соопштија од Основното училиште „Климент Охридски“ од Прилеп, каде што учи Вања.
„Хипо“ е меѓународна олимпијада што се организира со цел да ја промовира важноста на познавањето на англискиот јазик и да ги зближи децата од различни земји.
Посетува и курс во приватна школа уште двапати неделно
Вања е ученик во ООУ „Климент Охридски“ во Прилеп и е седмо одделение. Интензивно почнал со изучување на англискиот јазик од почетокот на неговото образование. Во училиште има англиски јазик трипати во неделата, а дополнително посетува курс во приватна школа уште двапати неделно. Како што зборува тој, часовите по англиски јазик секогаш му се предизвик и секогаш е желен да научи нешто ново.
Во неговото училиште уште во четврто одделение учениците имаат можност да се пријавуваат на натпреварот „Хипо“. Овој натпревар има 3 дела – прелиминарен дел, полуфинале и финале. Вања секоја година се пријавувал, но стасувал само до полуфиналето.
– Во 2022 година, кога бев шесто одделение, влегов и во финалниот дел од натпреварот во категоријата хипо 1. Финалето се одржуваше во Рим, Италија, од 28 до 30 септември каде што бев единствен претставник од Македонија во мојата категорија. Се натпреварував со ученици од Италија, Хрватска, Србија, Романија, Латвија, Тунис, Малезија, Филипини, Виетнам и др. земји – вели Вања.
И на општински натпревар освои прво место
Натпреварот содржи четири дела, односно учесниците се натпреваруваат во четири етапи, имаат читање, слушање, зборување и тест по граматика на англискиот јазик. Вања освои максимум бодови на секој дел, само на граматиката изгубил 2 бода.
– Во Италија беше заедно со менторката Фросина Ацевска, која му е и класна. Покрај натпреварувачкиот дел, тие имаа и слободно време и имаа можност да ги посетат сите убавини на Рим. Како награда, Вања доби онлајн курс за средношколци од Универзитетот во Мисури. По враќањето од Италија, Вања си продолжи со неговото секојдневно усовршување. Постојано вежба како со класната така и на приватните часови што ги посетува. Месецов се одржа прелиминарната етапа од „Хипо“ 2023 натпреварот и сега чекаме резултати. А се одржа и општинскиот натпревар по англиски јазик ELTAM каде што освои прво место и со тоа си овозможи понатамошен пласман и на регионалниот дел – споделува неговата мајка Милена.
Покрај англиски јазик, Вања многу се интересира и за географија, па може да се каже дека и таму е супер, односно и на тој натпревар освоил прво место на општинско ниво и сега се подготвува за натпреварот на регионално ниво.
фото: приватна архива
912