ПРАШАЊЕ: Ви се обраќам како загрижена мајка на момче кое има речиси 9 години. Тој е моето првородено дете, а имам и помала ќерка на 4-годишна возраст. Свесна сум дека во воспитувањето сум била построга и со поголеми очекувања кон мојот син, додека со помалото дете сум порелаксирана. Исто така, свесна сум дека не секогаш сум доследна во поставувањето граници. Често знам да кажам дека нешто не е дозволено, но кога децата ќе почнат да плачат или да се лутат, на крајот попуштам. Кај мојот син забележувам промени во однесувањето особено по раѓањето на неговата сестра. Тој стана понепослушен и почна да ги избегнува основните хигиенски навики. Речиси секојдневно морам да го потсетувам да си ги измие рацете, забите, да се истушира или навреме да оди во тоалет. Понекогаш, додека игра надвор, толку многу ја одложува потребата за одење во тоалет што може да му се случи да испушти малку во долната облека.
Имам чувство дека морам постојано да го следам и да го потсетувам што треба да направи. Поради тоа, често му зборувам со „ајде сега направи го ова“, „ајде измиј ги рацете“, „ајде измиј ги забите“, а тој веќе ми кажува дека сум досадна. Свесна сум дека со ваквиот пристап дополнително создавам отпор кај него. Голем дел од денот го поминува на мобилен телефон, гледајќи видеа или играјќи игри. Кога не е на телефон, често вели дека му е досадно. Знае да дојде кај мене и да побара да правиме нешто заедно, но бидејќи работам и по враќањето дома имам домашни обврски, често го одбивам со објаснување дека во тој момент не можам.
Дополнително ме загрижуваат неговите емотивни реакции. Во последно време почесто има напливи на плачење, лутина и повлекување и поради ситни причини. Понекогаш изгледа многу загрижено или тажно, без јасно да може да објасни што чувствува. Неодамна, на пример, наутро седеше сам во еден агол од собата, заграден со перници, без да сака да се приклучи со нас. Неговиот однос со сестра му е исто така тежок. Тој не сака да ја гушка, не сака таа да го допира и често се лути кога е во моја близина. Знае да каже: „Ако таа лежи до тебе, јас нема да дојдам.“ Нивниот контакт најчесто се сведува на бркање, расправии, викање и плачење. Многу ретко играат мирно заедно. Дали ваквото однесување може да се смета за вообичаена реакција на дете кое чувствува дека добива помалку внимание по раѓањето на помало дете?
ОДГОВОР: Ја разбирам вашата загриженост. На почетокот на вашата порака велите дека сте свесни дека со вашиот син сте биле построги и дека не секогаш сте биле доследни во поставувањето на границите, а дека со помалото дете сте попопустливи. Исто така, забележувате дека промените во неговото однесување започнале по раѓањето на неговата сестра, кога тој имал околу 5 години.
Однесувањето на децата многу често е јазикот преку кој тие ни кажуваат како се чувствуваат. Раѓањето на помалото дете секогаш носи промени во семејната динамика, кај сте членови од семејството, а особено кај децата. Овие промени кај некои деца можат да бидат веднаш видливи, а кај другите чувствата да остануваат потиснати и присутни со години. Тоа не значи дека поголемото дете не ја сака својата сестра или брат, туку затоа што во неговиот внатрешен свет се појавува едно човечко и многу природно прашање: „Дали јас сè уште сум еднакво важен“ и „Дали мама и тато сè уште ме сакаат.“
Од вашиот опис имам впечаток дека тој не се бори само со правилата, туку и со своето чувство за место, припадност и важност во семејството и со чувствата кои не знае како да ги препознае и изрази. Од друга страна, кога одбива да ги измие забите или рацете, во заднина се појавува несвесно обидот да почувствува дека има контрола над нешто свое, а од друга страна, го добива и вашето внимание, иако во негативна конотација, вие тогаш сте насочени кон него.
Тогаш вашиот однос се сведува на низа од потсетувања, инструкции и корекции…, „Измиј ги забите, рацете… истуширај се, оди во тоалет“ некако повеќе звучи како „менаџер“ кој дава инструкции. Ова однесување со текот на времето детето може да го доживува повеќе како мајка која контролира отколку место каде што ќе можам да бидам слободен и некој да ме разбере.
Тоа не значи дека треба да престанете да поставувате граници, туку напротив. На децата им се потребни границите, тие им даваат сигурност, но треба да бидат мирни, јасни и секако доследни. Значи да не повторувате 10 или 20 пати, да не викате и да не се карате, туку да бидете многу јасни. Дневните рутини да се повторуваат секој ден и да бидат исти. Тогаш кога границите ќе бидат предвидливи, детето постепено ќе има сè помала потреба постојано да ги тестира, а од друга страна, ќе се чувствува сакано и сигурно.

Колку повеќе вие преземате одговорност да го потсетувате на секој чекор, толку помалку простор останува тој самиот да ја развива својата внатрешна одговорност.
Чувствувам како да чувствувате некој товар кога велите „досадно му е“ и нашата прва реакција како родители е веднаш да му понудиме на детето активност, игра, телефон или да се обидеме да го забавуваме. Но, на децата и ТРЕБА да им биде досадно. Кога на детето му е досадно, тогаш се создава простор да почне да размислува. Во тие моменти се развиваат креативноста, фантазијата, способноста за самостојна игра и иницијативата. Детето постепено учи да го поднесе моментот кога нема надворешна стимулација и тогаш почнува да го открива својот внатрешен свет, своите идеи, интереси, желби и имагинација. Поради тоа, нема потреба веднаш да мислите што и како да го анимирате, можете да кажете: „Верувам дека ќе смислиш нешто интересно.“
Би ве охрабрила свесно да создавате и мали моменти кои ќе бидат само ваши. Не мора да траат долго, ниту да бидат исполнети со посебни активности, понекогаш и дваесетина минути, еднаш или двапати неделно, во кои ќе знаете и двајцата дека тоа е „ваше време“, можат да направат голема разлика.
Во тоа време, обидете се да не го поправате, да не го советувате и да не го потсетувате што треба да направи. Следете ја неговата игра, разговарајте за она што го интересира, слушајте го и бидете љубопитни за неговите мисли. Кога ќе забележите дека е лут, тажен или разочаран, не брзајте веднаш да го смирувате или да му објаснувате дека „не е страшно“. Тогаш помогнете му да го именува чувството, на пр: „Ми се чини дека си лут“ или „ Нешто те натажи.“
Би било добро и почесто да го забележувате кога нешто направил самостојно наместо вниманието најчесто да биде насочено кон моментите кога нешто не направил, на пр.: „Забележав дека денес сам се сети да ги измиеш рацете“, „Ми се допадна што сам се организираше.“
Исто така, би ви препорачала постепено да го намалите времето поминато на мобилен телефон и играњето видеоигри. На оваа возраст на децата им се потребни различни искуства, движење, игра, дружење, креативност и чувство дека придонесуваат во семејството. Вклучете го во мали домашни обврски соодветни на неговата возраст, како што се местење на креветот, поставување на масата, средување на својата соба или полевање на цвеќињата. На тој начин не само што ќе развива поголема самостојност и чувство на одговорност, туку ќе почувствува дека е важен член на семејството и дека има своја улога и придонес.
Со оглед на тоа што опишувате дека овие промени траат подолго време, дека се присутни повлекување, чести емотивни реакции и тешкотии во повеќе области од секојдневното функционирање, би ви препорачала разговор со стручно лице.
Доколку ви е потребна дополнителна помош, можете да закажете родителско советување и психоедукација на sovetuvanje@gmail.com
Билјана (Манасова) Јовановиќ, https://www.facebook.com/PsihoterapevtManasova