однесување Прашај психолог

Бабата има деменција и ѝ вели на ќерка ми дека ја малтретираме, дека ѝ крадеме работи… Детето е многу збунето, како да му помогнеме?

ПРАШАЊЕ: Ќерка ми е прваче и живееме во заедница со баба ѝ, која веќе 2 години (можеби и повеќе) има знаци на деменција: станување ноќе бидејќи слуша музика, кавги, ѕвонче – иако сѐ е тивко и сите спиеме; мисли дека ѝ крадеме/криеме работи, заборава често и сл., но одбива да оди на лекар. До пред три години таа ја чуваше ќерка ми и затоа е многу приврзана за неа, па така и сега кога ќе ја викне за шетање, сака да оди, или последниве денови ја убеди да седат дома.

Загрижена сум за детето поради тоа што бабата упорно му вели дека ние сме будали, дека ја малтретираме по цели ноќи, дека се караме. Кога ќерка ми ѝ кажува дека не е така, бабата ѝ вели: „Ајде не лажи, мајка ти те научила да лажеш“, и сл.

Знам дека најдобро решение за овој проблем е да ги одделам физички, но тоа е невозможно, на ист кат сме во 3 соби од кои едната е на бабата. Би сакала совет како да се справам со ситуацијава.

ОДГОВОР: Ја разбирам вашата загриженост и сите чувства што ги носи оваа ситуација. Се обидувате да го направите најдоброто што можете, а истовремено ви се јавуваат многу различни емоции како љубов, жал, многу лутина, вина и беспомошност. Ситуацијата во која се наоѓате навистина е тешка. Од една страна, знаете колку вашето дете е приврзано со баба си, а од друга страна, секојдневно го гледате и го живеете однесувањето кое ја збунува. Нормално е сето ова да ве вознемирува.

Кај деменцијата, човекот може да доживува нешта како реални иако тие не се случиле. Затоа, иако имате чувство дека треба да објаснувате и се убедувате, со оваа болест тоа не успева. Најдобро е прво да се признае чувството: „Знам дека тебе ти изгледа така и дека те вознемирува“, а потоа разговорот да се насочи кон нешто што ќе ѝ даде сигурност на бабата.

Бидејќи таа одбива лекар, обидот директно да ја убедувате може да создаде уште поголем отпор. Потрудете се прегледот да се поврзе со причина која за неа е прифатлива, како проверка на крвен притисок, крвна слика, терапија или друга здравствена причина, или дури нешто поврзано со некоја административна итна работа која бара преглед од доктор. 

За детето во ваквата ситуација најдобро е да се стават јасни граници, бидејќи на возраста во која што е вашето девојче нема доволно развиен капацитет само да разбере дека она што го слуша од баба ѝ е последица на нејзината состојба, а не реалност. Но, кога слуша дека родителите се „будали“, дека ја „малтретираат“ или дека мајка ѝ ја учи да лаже, детето може да се најде во една конфузија и да почувствува дека треба да избира кому да му верува или кого да го штити. А, тоа не е товарот што треба да го носи детето.

Дополнително, таа сега е прваче. Тоа е една голема развојна промена (нова средина, учителка, правила, другарства и поголеми очекувања). За да може детето слободно да се приспособи, потребна ѝ е сигурна и предвидлива база дома.

Во овој период најмногу ѝ се потребни мирна атмосфера дома и предвидлива рутина, јасни граници, чувство дека родителите се тука за неа, простор да се радува, да игра и да се занимава со своите детски грижи, чувство дека проблемите на возрасните не се нејзина задача.

Би било добро да не ја ставате во позиција да ја коригира баба ѝ или да ја брани „вистината“, туку може да ѝ кажете: „Баба сега така го доживува тоа, но тоа што го кажа не е точно. Ние спиевме и не се каравме. Баба сега има проблем со паметењето и понекогаш мисли дека нешто се случило иако не се случило. Ако нешто те збуни или исплаши, секогаш можеш да дојдеш кај мене или кај тато ти за да разговараме.“

Колку што можете, намалете ги ситуациите во кои таа останува сама со баба ѝ, особено навечер или кога бабата е повознемирена и збунета (веројатно кога денот преоѓа во ноќ).

Сето ова не значи дека треба да ја отфрли баба ѝ, таа сѐ уште може да има убави моменти со неа и да ја задржи таа врска. Но вие како родители треба да ги поставите границите и да ја преземете одговорноста за реалноста.

Бидејќи метафорите и кратките приказни честопати функционираат подобро отколку директно објаснување, еве неколку мали приказни:

Приказна за „старата книга со извалкани страници“

„Замисли дека имаш омилена книга со приказни што многу пати си ги читала. Но со текот на годините некои страници се извалкани и истуткани, и буквите на нив станале нејасни. Кога некој ќе ти ја чита таа страница, можеби ќе измисли нов дел од приказната бидејќи не може добро да ги прочита старите зборови – не затоа што сака да те лаже, туку затоа што старата страница веќе не е јасна. Мозокот на баба е малку како таа книга, некои страници во неа со текот на времето станале нејасни, па таа понекогаш ‘дополнува’ делови кои не се точно она што навистина се случило.“

Кратка бајка со лик

Измислете заеднички лик,  на пример, „стариот, мудар був“

„Еднаш имало еден многу мудар, стар був кој цел живот гледал јасно и далеку. Но кога остарел, неговите очи почнале малку да прават трикови – понекогаш гледал сенки и мислел дека се вистински суштества, иако не биле. Другите животни во шумата знаеле дека бувот не лаже намерно, едноставно неговите стари очи веќе не гледале секогаш точно. Затоа, кога бувот ќе кажел дека видел нешто чудно, животните му верувале дека навистина е така, но тивко едни на други си ја кажувале вистината за она што се случило.“

Ако физичкото одвојување во моментов не е возможно, фокусирајте се на она што можете да го контролирате, како надзор над контактот меѓу бабата и детето, со јасни граници пред детето, отворен разговор со вашето девојче и постепен обид бабата да добие медицинска процена.

Обрнете внимание и на себе бидејќи не е лесно кога истовремено сте заштитник на детето, поддршка за партнерот и ќерка или снаа која се грижи за бабата.

Доколку ви е потребна дополнителна помош, можете да закажете родителско советување и психоедукација на sovetuvanje@gmail.com

Билјана (Манасова) Јовановиќ, https://www.facebook.com/PsihoterapevtManasova

To top