Затнат нос, дишење на уста, ‘рчење во сон и чести воспаленија на ушите и дишните патишта се меѓу најчестите причини поради кои родителите ги носат децата на преглед кај оториноларинголог (ОРЛ). Сите овие знаци укажуваат на зголемен трет крајник (аденоидни вегетации).
Но, дали секое дете со зголемен трет крајник мора да оди на операција? Кога е доволно само да се следи состојбата, а кога хируршкиот зафат е најдоброто решение?
Што е третиот крајник и каква е неговата улога?
Третиот крајник (стручно: аденоидни вегетации) претставува збир на лимфно ткиво сместено зад носната шуплина, во горниот дел на голтникот (епифаринкс). Поради својата специфична положба, има клучна одбранбена улога од вируси и бактерии кои се внесуваат преку воздухот.
- Развој: Се развива уште пред раѓањето и постепено се зголемува до 6–7-годишна возраст.
- Намалување: По 7. година природно почнува да се намалува, а во пубертетот речиси целосно се повлекува и не предизвикува никакви тегоби.
Доколку третиот крајник прекумерно порасне, може делумно или целосно да го спречи протокот на воздух низ носот и да предизвика чести инфекции.
Симптоми и последици од зголемен трет крајник
Најчести симптоми:
- Дишење со отворена уста
- ‘Рчење во сон и отежнато дишење
- Назален говор (зборување со „затнат нос“)
- Постојан исцедок од носот
- Слабо добивање во тежина и забавен раст.
Потешки симптоми и аденоидно лице (facies adenoidea):
Во потешки случаи може да дојде до краткотрајно губење на здивот во сон (апнеа), кашлица и главоболки.
При преглед, децата со долготрајно зголемен трет крајник имаат карактеристичен изглед на лицето: тесно лице, кратка горна усна, истакнати предни заби, отворена уста и блед тен, изглед на изморено и исцрпено дете.
Врска со воспаленијата на увото:
Зголемениот трет крајник може да ја затвори Евстахиевата туба (каналчето што ги поврзува носот и увото). Ова доведува до задржување течност во средното уво, ослабен слух и повторувачки гнојни воспаленија на ушите.
Како се поставува дијагнозата?
Бидејќи третиот крајник не се гледа при обичен преглед на грлото, дијагнозата ја поставува ОРЛ специјалист преку:
- Флексибилна назофарингоскопија (фибероскопија): Брз, безболен и многу прецизен преглед со мала камера (фибероскоп) внесена низ носот.
- Тимпанометрија: Едноставно и безболно мерење на притисокот во средното уво за да се провери функцијата на Евстахиевата туба и состојбата со слухот.
Кога е потребна операција (аденоидектомија)?
Отстранувањето на третиот крајник се препорачува во следниве случаи:
- Кога третиот крајник целосно го затвора носниот премин.
- Кај деца со чести гнојни воспаленија на ушите и намален слух.
- Поради постојано дишење на уста и честа употреба на антибиотици.
- При прекини во дишењето за време на спиењето (апнеа).
- Доколку предизвикува деформација на забите, вилицата и лицето.
Кога НЕ се препорачува операција: При нарушувања во згрутчувањето на крвта, акутни воспалителни заболувања, миокардитис, нерегулиран шеќер или срцеви маани.
Може ли операцијата да се спречи или да се одложи со орални пробиотици?
Последните истражувања покажуваат дека употребата на специфични орални пробиотици може значително да ги намали воспалителните процеси и големината на третиот крајник.
Усната шуплина е првата линија на одбрана од патогени. Батеријата Streptococcus salivarius K12 е природен дел од усната микробиота што спречува штетните бактерии и вируси да се закачат за слузокожата.
Придобивки од оралните пробиотици (со K12):
- Намалување на инфекциите на увото, грлото и носот.
- Намалување на големината на третиот крајник.
- Помала потреба од антибиотици и лекови за температура.
- Помалку денови поминати во боледување.