По три илјади денари за секое запишано прваче во основните училишта на територијата на Општина Охрид од оваа учебна година, како и мерки за поддршка на ученици и студенти, предвидува денешната одлука на општинскиот Совет.
Во програмски документ, што едногласно го донесоа советниците предвидени се препораки за видовите, критериумите, висината и начинот на спроведување постапки за финансиска поддршка од средствата предвидени во буџетот на Општина Охрид и во годишните програми за работа од Секторот за образование, детска, здравствена и социјална заштита за учебната 2022/2023 година наменети за ученици, студенти и наставници.
Со тоа се предвидуваат стипендии за ученици во општинските основни и средни училишта и за студенти, како и ново воведена категорија студентски стипендии за дефицитарни кадри на територијата на Општина Охрид.
– Воведуваме образовен додаток од по 6.000 денари, мерка која еднократно ќе се додели на најмногу 120 ученици. Продолжуваме со доделување стипендии на лицата со ретки болести и посебни образовни потреби, продолжен престој за учениците во групи – информира координаторот на советничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Перчо Божиноски.
Новитет е и воведувањето парична награда по 10.000 денари за секој првенец на генерација во основните и средните училишта, како и парична награда за ученици и нивните ментори кои ќе освојат награди на натпревари.
Извор: МИА
912