На безгрижните уживања во летото и бањањето полека им се ближи крајот, па многумина веќе се окупираа со мисли и подготовки за почетокот на новата учебна година. Но, како воопшто учениците да се мотивираат по долгото лето без обврски да го разбудат интересот за книги и учење?

Истражувањата откриваат дека поради почетокот на новата учебна година, под поголем стрес се родителите отколку нивните деца. Но, за едните и другите што побезболно да го поминат преминот од безгрижно лето во училишна клупа, експертите советуваат неколку чекори што ќе им помогнат. Во согласност со возраста на детето, постапно почнете да го привикнувате ученикот на одговорност поврзана со училиштето. За почеток, заедно со него подгответе попис на сите работи што му се потребни за на училиште: нови тетратки, помагала за пишување, а ако треба, и нова училишна чанта – самото дете нека ја избере… Препуштете им ја иницијативата на децата и ќе се изненадите со колкава волја ќе прифатат.

Препуштете им ја одговорноста на децата

Експертите советуваат дека во текот на прво одделение повеќето деца може да ја преземат грижата околу самостојното местење на чантата, а и поголемиот дел околу своите задачи. Препуштете им ги на децата иницијативата и одговорноста, самите да водат сметка за тоа што им е потребно, разговарајте со нив за тоа што сакаат и што очекуваат од новата учебна година, кои се нивните интереси и што мислат дека ќе им значи училиштето и каде ќе ги однесе во животот.

Не критикувајте

Ослободете се од лошите навики за критикување, приговори, закани и поткупување на детето. Не кажувајте изјави како што се: „Како можеше да ти се случи тоа?“, „Вклучи го малку мозокот“, „Многу си мрзлив“… кои на детето му ја рушат самодовербата и го демотивираат за понатамошни обиди. Поддржете го детето. Но, не е доволно само да се каже: „Го можеш ти тоа, верувам во тебе“, особено кога детето е фрустрирано бидејќи нешто не му оди. Во такви ситуации, освен поддршка, треба да го сослушате во што е проблемот и заедно со него да барате можни решенија. Вештите родители секогаш внимаваат помошта да е доволна, па штом ќе почувствуваат дека детето може самото, го оставаат да ги почувствува препреките и задоволството од нивното надминување. Искрени коментари на родителите како „Одмори се малку, тоа нема да побегне“, често доведуваат до тоа детето само да почне да тврди дека мора да го стори тоа и да ѝ се врати на задачата со повеќе елан.

Очекувања

Децата што имаат впечаток дека никогаш не е доволно добро, дека четворката е лоша оценка или слушаат „Зошто не доби петка, малку ти фалеше?“, ќе завршат или како перфекционисти или ќе бидат демотивирани за учење и работа, бидејќи „секако никогаш не е доволно добро“. Иако перфекционистите се често успешни на училиште, тоа не е добар избор бидејќи со ниту еден свој успех не се задоволни, а перфекционизмот често во подоцнежниот живот води кон депресија или постојано незадоволство. Реалниот родител знае колку може неговото дете. Очекувањата детето во сè да биде совршено не се реални, а добро е и детето да знае во што е подобро, а во што полошо. Тоа не значи дека не треба да се труди таму каде што е тешко. За детето, најдобро е кога очекувањето е на ниво на способноста или само малку повеќе, но превисоките очекувања ги убиваат децата во поим.

Работни навики

Со работни навики никој не се родил, но можно е да се стекнат. Навиките се стекнуваат со повторување, во исто време, на исто место. На детето треба да му се помогне да го воспостави своето време за учење, да има место за учење, да го усвои ритамот на работата со повеќе кратки паузи, па да се наградува по завршената задача. Навиката за секојдневно учење помага детето да остане успешно на училиште и кога материјалот ќе стане потежок и пообемен.

Внимание

Детето може многу да стори самото, но му недостига родителско внимание. Одвојте време за заеднички дружења без критики и испитувања – додека детето се согласува на нив.

Автор: Дуња Ладиќ

Извор



912

X