Не е исто да се грижите за едно дете и за 23. Моето одделение има 23 ученици. 23 глави. Со руса коса, со кафена, долга или кратка, со кафеави или сјајни зелени очи, сите тие се моите драги малечки. Понекогаш тоа ми е потешко да им го објаснам на родителите отколку на учениците. Оваа учебна година веќе по 2 дена го знаев името на секој од нив (и самата бев пријатно изненадена од тоа), а на почетокот од октомври станавме вистински тим.

Кога доаѓаат на индивидуални разговори, родителите најмногу ги интересира како нивното дете се снаоѓа во одделението, што прави…Приближно кон средината на учебната година во првото одделение почнуваат и забелешките:
„Не сте забележале дека детето А го турка моето дете!“
„Детето Б кажува лоши зборови и не сакам моето дете да седи со него…“

Кога слушам такви забелешки, полека заземам одбранбен став и ја преиспитувам ситуацијата. Последните денови родителите, незадоволни од некоја послаба оценка на своето дете, често ми велат: „Дома сè знаеше“, „Дома пишува како виолина“, „Дома собира и одзема речиси напамет“ итн.

Родителите почнуваат да се сомневаат во моите критериуми за оценување, моето доживување на учениците, бараат скриени мотиви за тоа што сум го предупредила нивното дете за нешто… Неодамна дури и забележав еден родител како оди лево-десно пред нашиот прозорец и ѕирка во училницата како нешто важно да криеме во тие 4 ѕида. Го отворив прозорецот и го повикав да влезе во училницата, но тој остана пред училницата гледајќи во нашите прозорци.

А што е тоа што ние го криеме во своите училници? Што прави учителката за некој ученик да биде различен на училиште отколку дома? Кое погрешно копче го притискам, па ученикот не ми го покажува знаењето, кое според зборовите на родителите го покажува дома? Има денови кога тој ученик поминува повеќе време со мене отколку со родителите и во одделението е опкружен со врсници кои, како и тој, имаат одредени потреби. Кога е во одделението, секој ученик треба да го почека редот за да каже нешто, треба да ги знае правилата на однесување во заедницата и да ги почека своите 5 минути. Ако ученикот не ги научил тие правила во своето семејство, сите имаме проблем.

Оценувањето е јавно, внатре во одделението

Многу често учениците самите го проценуваат своето знаење, а понекогаш и меѓусебно се испитуваат и оценуваат. Кога, на пример, испитувам природа и општество за одлична оценка, на ученикот на му поставувам потпрашања за точно да одговори, ниту ја мрдам главата сугестивно за потврда за да го поттикнам или потврдам неговиот точен одговор, ниту му помагам кажувајќи го првиот слог од точниот одговор. Критериумите за вреднување на знаењето и залагањето на ученикот сосема се јасни и достапни им се на родителите, па тие самите може да се уверат што сè е потребно за одлична оценка.

„Денес не стигнавме да го купиме тоа, ќе го купиме следниот пат“ – приборот наш секојдневен. Можеби звучи смешно, но поради таков однос кон обврските со некои родители водам голема борба. Учениците понекогаш немаат тетратки, не го носат потребниот прибор за ликовно, не се држат до распоредот, за проектот „Јади здраво, биди здрав“, не носат ниту една намирница, но први се во ред кога треба да пробаат колаче. Првиот пат на секој ученик му прогледувам низ прсти, му го позајмувам она што му недостига, се снаоѓаме, но потоа заборавањето на приборот полека преминува во навика или, пак, родителот на индивидуалните разговори, вели: „Знаете, ние работиме и не очекувате веројатно секој ден да ѕиркаме во училишната торба на нашето дете и да внимаваме што му е потребно!“

Не е исто да се грижите за едно дете и за 23 деца

Сè уште не сум набавила магично стапче со чија помош би можела, ако затреба, да создадам 10 дополнителни тетратки или 5 водени боици, или, пак, како пред некој ден, 12 црни фломастери. Но, на родителот му е важно само неговото дете, а јас во одделението имам 23 деца! Родителот не набавува за своето едно дете, па како јас да набавам прибор за 10-ина…

Моите ученици ми ги раскажуваат своите мали животни приказни. Слушајќи ги, јасно ми е дека нашето одделение станува важен дел од нивниот живот, нивното ново семејство. Поврзаноста со тоа училишно семејство кај некои ученици е особено силна и долготрајна.

Затоа ги молам родителите да веруваат во моите проценки, а во сопствениот дом нека бидат принципиелни родители кои од своите деца ќе бараат да ги решат задачите што им се наменети. Нека учествуваат во животот на своите деца и во сопствениот дом, нека зборуваат за училиштето афирмативно поттикнувајќи ги децата на учење. Би сакала родителите да го прочитаат овој текст и да им веруваат на учителките на своите деца. Тие нека бидат родители, а мене нека ми дозволат да бидам учителка. Бидејќи, не е исто да се грижите за едно дете или за 23 деца.

Извор



912

X