Изборниот предмет поврзан со заштитата на животната средина може да го предава наставникот по биологија. Програмирање би предавал наставникот по информатика. Или, ако некаде има интерес за анимација и филм, може општината да ангажира соодветен наставник/експерт кој ќе ги држи тие часови

Надлежните во Бирото за развој на образованието – БРО деновиве подготвуваат Водич за изборните предмети, наменет за училиштата. Во водичот ќе бидат дадени насоки и примери за тоа како треба да се изработи наставна програма за изборните предмети (со примери изработени од страна на Бирото). Најзначајно е што наместо досегашната формална понуда на изборни предмети, со новиот концепт се инсистира интересот и желбата на учениците за определена област да бидат испочитувани од страна на училиштето и да бидат понудени слободни изборни предмети од интерес на учениците. Секое училиште ќе треба да понуди најмалку 12 изборни предмети (по три од секоја категорија на изборни предмети дадени во Концепцијата за основно образование).

Од учебната 2021/2022 година изборните предмети, според овој водич, ќе се организираат за учениците од четврто одделение, а за учениците од прво одделение ќе се организираат изборни активности. Од Бирото информираат дека крајната цел е секое училиште да креира наставни програми за изборни предмети, зависно од интересот на учениците.

Фото: Архива

– Во Водичот што го подготвуваме ќе им дадеме примери за тоа како треба да изгледа еден изборен предмет. За почеток Бирото ќе изготви примери на програми за изборни предмети, а врз основа на нив секое училиште ќе ги изработува наставните програми по изборните предмети што ќе се организираат во училиштето, а Бирото само ќе ги одобрува. На пример, некаде можеби ќе има интерес за учење програмирање, на друго место можеби ќе има интерес за мултикултурни работилници, или предмет за визуелни уметности. Учениците ќе бидат анкетирани, па врз основа на тоа училиштето ќе ги изработи програми, ќе определи наставници кои ќе ги реализираат. Во однос на тоа кој ќе предава, на пример, изборниот предмет поврзан со заштитата на животната средина може да го предава наставникот по биологија. Програмирање би предавал наставникот по информатика. Или, ако некаде има интерес за анимација и филм, може општината да ангажира соодветен наставник/експерт кој ќе ги држи тие часови, или пак, определен наставник кој има неформално образование, познавање од определена област или има завршено обука за обучувач може да организира и реализира слободен изборен предмет (на пример, играње шах, комуникациски вештини и слично) – велат во Бирото.

Изборните предмети се изучуваат секое полугодие, при што секое полугодие учениците одбираат различен изборен предмет, освен во ситуации кога се работи за изборни предмети за проширување и продлабочување на знаењата. Но, и тогаш изборниот предмет од едно до друго полугодие се разликува по нивото и/или содржината (на пример, Програмирање 1, Програмирање 2).

Како што стои и во Концепцијата за основното образование, секое училиште има слобода да понуди изборни предмети кои произлегуваат од пројавените интереси на учениците што учат во тоа училиште и истовремено ги зема предвид можностите на наставниот кадар што работи во училиштето и на ресурсите со кои располага училиштето.

За слободниот изборен предмет секој ученик се поттикнува сам да избере што сака да прави

– Секое училиште задолжително нуди две листи со изборни предмети, едната се однесува на учење на втор странски јазик, а другата опфаќа таканаречени слободни изборни предмети што ги нуди училиштето, зависно од интересите на учениците и можностите на училиштето. Освен тие, училиштата може да нудат и изборни предмети кои се однесуваат на учење на јазикот на заедницата, наменет за учење на вториот официјален јазик во општината, учење албански јазик и/или учење на културата и јазикот на помалите етнички заедници, наменет за припадниците на тие заедници. Во посебна листа со изборни предмети спаѓаат таканаречените слободни изборни предмети. Во првиот образовен период (I-III одд.) слободниот изборен предмет се реализира во форма на слободни активности што ги води одделенскиот наставник задолжен за паралелката во договор со учениците. Во времето предвидено за слободниот изборен предмет секој ученик се поттикнува сам да избере што сака да прави како дополнување на она што е веќе учено во текот на денот/неделата и/или целата паралелка да избере заедничка активност како поддршка на личниот и социјалниот развој на учениците (на пример, една од повеќе понудени работилници од Образование за животни вештини) – пишува во Концепцијата.

Првачињата ќе бидат пет часа на настава

По нови правила и по нов образовен терк ќе се учи од септември годинава. Промените ќе важат за идните првачиња и за учениците што ќе бидат четврто одделение. Новите наставни програми за четврто одделение веќе ги има на веб-страницата на БРО. Во тек е конкурс за дигитални учебници и се подготвуваат материјалите за учење.

Во однос на предметите, во прво одделение нема да има значителни разлики. Она што ќе се промени, како што објаснуваат од БРО, е начинот на учење, ќе се инсистира на интеграција, а новина е и што првачињата ќе престојуваат пет часови на училиште (досега престојуваа покусо, во просек околу 3,5 часа). Оваа промена се прави за да имаат доволно време на училиште да напишат домашни задачи, ќе имаат дополнителна настава, со цел да завршат со сите обврски додека се на училиште.



912

X