Родителите главно мислат дека знаат што се случува со нивното дете на училиште, почнувајќи од моментот кога детето ќе влезе во училиште до моментот кога ќе пристигне дома. Меѓутоа, домашните и училишните задачи, одморите, контролните задачи и останатите работи поврзани со наставата се само еден дел од сериозната социјализација и процес на растење преку кои детето поминува заедно со своите другари од одделението. Што навистина се случува во времето кое децата го поминуваат во училиште, една наставничка го напишала сето тоа во следните 9 објаснувања:

Децата ги носат на училиште своите родители во мини-изданија

Без разлика дали се добри или лоши. Зошто некое дете се однесува на одреден начин – на наставниците им е јасно веќе по првиот родителски состанок. Децата на училиште донесуваат многу особини кои ги стекнуваат дома: тимска работа, работни навики, домашно воспитување, но исто така и проблеми на кои често наидуваат и наставниците и другарите на детето. Иако родителите можеби брзо ги забораваат, утринските кавги и нервози може да го нарушат целиот ден на детето, особено на училиште.

Одморот за секое дете значи нешто друго

Повеќето деца сакаат одмори, но за тоа постојат 2 различни причини. Додека едната група деца едвај чекаат да ѕвони за да трчаат и да се дружат со пријателите, некои деца ѕвоното за одмор го чекаат за да се дружат со своите наставници. Одморите се многу непожелни кај децата што немаат изградено самодоверба и се борат во ходниците да склопат пријателства. Таквите деца ги поминуваат одморите сами, седејќи во училниците, чекајќи ѕвоното да го огласи почетокот на часот.

Тоа што децата прават некои работи дома, не значи дека ги прават и на училиште

Родителите се многу често незадоволни од резултатите на тестовите и одговарањата и тврдат дека детето го знаело одредениот материјал дома. Ова може да биде лажна слика за реалноста и родителите би требало да сфатат дека тоа што детето го прави дома, не значи дека го прави и на училиште, токму поради нивното мешање. Родителите што премногу им помагаат на децата во изработката на домашните задачи и учењето за тестови само им прават контрауслуга бидејќи кога децата треба да ја направат истата работа на училиште – не знаат како.

Секое дете има своја улога меѓу другарите од одделението

Децата во класот имаат свои улоги, баш како и нивните родители во светот на возрасните. Тие улоги се доделуваат врз основа на однесувањето меѓу другарите и на часовите. Децата брзо учат кој е добар ученик, кој има лошо однесување, кој е секогаш нервозен и се однесуваат во согласност со тоа. И наставниците се однесуваат во согласност со главните особини и улоги на децата: затоа често во клупите ги спојуваат добрите и лошите ученици, повлечените и отворените итн., за улогата на едниот да ги поправи улогата и особините на другиот. На овој начин децата имаат еднакви шанси да ги искористат своите улоги на најдобар начин.

Лошите работи не се секогаш така лоши

Училиштето не е само место за учење на училишниот материјал. Тоа е и место за социјализација и место каде што децата стануваат луѓе. Децата умеат да бидат многу сурови затоа што сè уште не разбираат одредени работи и затоа често се случува некои од нив да бидат повредени и навредени. Овие непријатни ситуации се идеални за детето да научи како да се брани, да реагира и да најде соодветен начин да си помогне себеси.

Некои деца едноставно расцутуваат кога родителите ќе ги остават на училиште

Тоа што вашето дете е срамежливо и повлечено дома, воопшто не мора да значи дека така се однесува и на училиште. Некои деца буквално се трансформираат во целосно поинакви деца кога родителите не се во близина. Главно тоа се случува со деца кои се многу тивки дома, додека на училиште нивните родители не би ги препознале.

На училиште има многу повеќе радост отколку што претпоставувате

И покрај силното учење, агонија поради тестовите и одговарањата, училиштето за многу деца е прекрасно место за престој. И покрај сите наставни обврски, децата многу се смеат и играат на училиште, учат да бидат добри другари и да соработуваат. Тие може да дојдат дома нервозни поради домашната задача или некое лошо дете, но тоа не значи дека не се смееле многу во текот на денот на училиште.

Вие веројатно мислите на нив многу повеќе отколку тие на вас

Одвојувањето од родителите кај некои деца (па и родители) може да предизвика некоја солза, но децата на училиште забораваат на тагата, буквално додека солзите не им се исушат на образите. И додека родителите цело утро размислуваат: што е, како е, дали ќе може, дали ќе знае… детето помислува на родителите дури тогаш кога ќе дојдат по него на училиште. Така што, ако вашето дете е во хистерија при самото одење на училиште, шансите дека така ќе се однесува и во текот на часовите се минимални.

Наставникот има најдобри намери во срцето – без разлика на што ги учел

Повеќето наставници што ги учат вашите деца се предадени на детето исто како и вие. Иако понекогаш изгледа дека престојот на детето во училиште е губење на времето, треба да му верувате на наставникот дека вашето дете сепак од училиште ќе понесе нешто добро, всадено во неговото знаење, без разлика што тоа не е исто како на времето кога вие сте оделе на училиште. Ако некогаш ви се причини дека детето од училиште донело смешно лесна задача, верувајте дека тоа е затоа што наставникот се труди на кој било начин да му даде шанса на вашето дете нешто да научи.

Автор: Александра Милиќ

Извор



912

X