Она што ги затекна и вознемири родителите е што наставници некаде побарале, а некаде замолиле децата да не се оставаат во продолжен престој заради поголема безбедност, па родителите да се обидат да се организираат и да најдат решение и да ги згрижат во домашни услови
Поради зголемениот број на заболени и појавата на мутирани варијанти на коронавирусот, Министерството за образование и наука испрати до училиштата потсетување за строго почитување на протоколите. Особено е нагласено децата задолжително да носат маски, редовно да си ги мијат рацете… Но она што ги затекна и вознемири родителите е што наставници некаде побарале, а некаде замолиле децата да не се оставаат во продолжен престој заради поголема безбедност, па родителите да се обидат да се организираат и да најдат решение и да ги згрижат во домашни услови.
Затекнати родители
Затекнати родители велат дека не знаат што да прават, ниту каде да се обратат. Работните места не се факултативни, родителите не можат денеска да одат, а утре да не одат на работа. Или, пак, да излезат кога на децата ќе им завршат часовите. Најголем проблем имаат оние со првачиња. Децата не можат сами да се чуваат. И не сите имаат опција, ниту пак подобро решение за згрижување.
– Не е во ред денес да ни кажат земете си го детето утре рано. Па само од работа до училиште имам половина час. А и кој ќе го чува – се пожали родител.
Проблемот за многу родители настанал во начинот на комуникација и барањата до нив.
Додека од некои е побарано да ги земаат децата порано од училиште, доколку можат, на други им било кажано дека мора да ги земаат порано.
Директори на училишта велат дека нема никаква препорака од МОН, ниту пак од нив да се прекине продолжениот престој.
– Досега немаме писмена препорака од МОН децата да не се оставаат во дневен престој. Останува да важи постојната препорака, изборот да го направи самиот родител. Инаку, ние како училиште секојдневно праќаме извештај до МОН за состојбата на присутните и евентуално заболените ученици и наставници. Искуството кај нас покажува дека половина и повеќе остануваат во дневен престој, а причината е бидејќи нема кој да ги чува децата дома. Конкретно кај нас нема проблем што остануваат децата во дневен престој. Засега сме добро организирани и добро функционираме. Родителите одлично соработуваат. Сè е во согласност со протоколите. Учениците појадуваат и ручаат во училишната кујна. Единствената нова препорака од МОН е засега да се стопираат систематските прегледи на учениците. Оние што ни се редовни по програмата – вели Светлана Масларевска, директорка на Основното училиште „Коле Неделковски“.
Се намалува бројот на деца во дневен престој
Директорот на скопското Основно училиште „Лазо Ангеловски“, Перо Арсеновски, негира дека имало вакви барања упатени до родители. Тој потенцира дека дневниот престој си постои, никому нема да му биде скратен, дека строго се почитува и не знае од каде потекнува оваа дезинформација.
– Сите деца што се со физичко присуство на настава и имаат потреба од дневен престој се прифаќаат. Во ООУ „Лазо Ангеловски“ функционираат и дневниот престој и целодневната настава. Бројот на деца што се со физичко присуство на настава и кои остануваат во дневен престој периодов се намалува и изнесува од 7 до 9 деца по одделение. Апелот до родителите е да ги почитуваат протоколите и препораките донесени од страна на МОН и Комисијата за заразни болести – ни изјави директорот.
Дневниот престој сѐ уште постои
На својата седма седница одржана во септември 2020 година, Владата одобри организација на продолжен престој на учениците во основните училишта за одделенијата што ќе започнат настава со физичко присуство, со препорака продолжениот престој да се организира и реализира со ученици од иста паралелка и од исто одделение, без мешање на различни паралелки и одделенија, ни потврди Давор Политов, одговорен за односи со јавност на МОН.
– Оваа одлука Владата ја донесе во координација со Главниот кризен штаб и врз основа на заклучоците и препораките на Комисијата за заразни болести. Понатаму, организацијата на продолжениот престој е во надлежност на општините и на самите училишта и веруваме дека секаде каде што има можности и се исполнети условите за организирање на продолжениот престој, им се излегува во пресрет на учениците и нивните семејства. МОН нема дадено препорака каква што посочувате – потенцира Политов.
912