Министерката за образование и наука Мила Царовска ги презентира резултатите во образованието во првите 100 дена од нејзиниот мандат
Помалку предмети, повеќе размислување, истражување и анализа, изборни предмети и интензивни воннаставни активности предвидуваат новите реформи во основното образование, најави денеска министерката за образование и наука Мила Царовска на презентацијата на резултатите во образованието во првите 100 дена од нејзиниот мандат.
Таа рече дека концепцијата за основно образование е во завршна фаза и многу скоро ќе биде презентирана пред пошироката јавност. Правена е врз основа на домашни истражувања, ставови на наставници и компаративна анализа на резултатите од меѓународните тестирања ПИСА и ПИРЛС.
– Ќе создадеме училиште кое ќе нè учи да учиме. Го напуштаме стариот пристап на фактографско учење и ги поттикнуваме учениците да решаваат проблеми и критички да размислуваат. Целта ни е да создадеме образование во кое секое дете ќе го достигне својот личен потенцијал и тоа го правиме преку изборните предмети и воннаставните активности. Ќе се учи за вредности: толеранција, почит и личен развој – рече Царовска.
Истовремено се развива нов систем за употреба на учебници кој подразбира изработка и користење разни видови прирачници и дидактички материјали, достапни и за наставниците и за учениците. Царовска рече дека концепцијата е развојна и се базира на домашни и странски истражувања, но и на анализа на постојни концепции за основно образование кои даваат одлични резултати кај учениците.
– Секаде во светот така е поставен интегрираниот пристап на основни наставни предмети, изборни предмети и воннаставни активности. Така учениците не помнат само факти, туку и критички размислуваат за одредена тема која се обработува во различните предмети. Со тоа овозможуваме учениците да го постигнат својот личен потенцијал. Ќе имаат право на два изборни предмети во текот на годината и на тој начин ќе можат да го создаваат своето образование од најмала возраст – рече Царовска.
Таа објасни дека многу родители се повикуваат на финскиот образован модел. Според Царовска, новиот концепт наликува на финскиот модел иако е македонски, со нашите специфики, капацитети и можности.
– Но, тоа е концептот кон училиште кое ги учи учениците да размислуваат, да учат, да истражуваат да донесуваат одлуки врз основа на анализите што сами ги направиле. Зборуваме за интеграција на природни и општествени науки што се случува секаде во развиените земји во светот, чии ученици постигнуваат огромни резултати. Нашата идеја е да создадеме младина, граѓани, иднина која ќе може да ја движи оваа држава кон економски и социјален развој- рече Царовска.
Таа додаде дека се одобрени 54 милиони денари за образовни асистенти во училиштата. Доделени се 34 инвестициски ваучери за научни проекти преку Фондот за иновации и технолошки развој.
– Воведуваме програмско-планско финансирање и продолжување на грантовото финансирање. Заеднички со научниците договараме критериуми за создавање центри за извонредност и за поддршка на национални проекти – рече Царовска.
Се градат 4 нови училишта – во Чашка, Студеничани, Аеродром и во Тетово.
– Овој период е тежок за сите нас, но мора да дадеме сè од себе за да овозможиме квалитетно образование. Овој модел дава резултати и ќе продолжиме да го развиваме – рече Царовска.
912