Психолозите велат дека малите девојчиња на 6-годишна возраст се веќе погодени од родовите стереотипи кои се штетни за нивната интелигенција
Многу истражувања покажале дека девојките и жените што се уверени во своите способности имаат поголема веројатност да успеат на училиште и да бидат успешни во кариерата. Тие се поподготвени да преземаат ризици, да имаат висока оценка на тестовите и да напредуваат во светот. Меѓутоа, широко распространетиот сексизам може да ја разниша нивната самодоверба.
„Нашето општество ја поврзува брилијантноста повеќе со мажите отколку со жените. Оваа идеја ги спречува жените да работат на места за кои се смета дека е потребна брилијантност“, вели водечкиот истражувач Лин Бјан од Универзитетот во Илионис.
„Сакавме да знаеме дали децата ги поддржуваат овие стереотипи“- додава.
Жените попаметни?
Истражувачкиот тим регрутирал 400 деца на возраст од 5 до 7 години за серија од четири експерименти. Во првиот експеримент на децата им била раскажана приказна за некој што бил навистина паметен и им биле посочени четири различни луѓе: двајца мажи и две жени. Во второто истражување тие морале да погодат кој од тие четири луѓе бил навистина паметен.
Петгодишниците биле рамноправни, па така сметале дека и едниот и другиот пол може да бидат навистина паметни. Меѓутоа, девојчињата на 6-годишна возраст не сметале дека жените би можеле да бидат навистина паметни.
Во третиот експеримент истражувачите им покажале две слични игри на децата од 6 и 7 години. Едната се викала „Деца што се навистина, навистина паметни“, а другата „Децата што навистина, навистина се трудат многу“. Од децата било побарано да кажат која игра им е поинтересна. И момчињата и девојчињата биле еднакво заинтересирани за играта „Децата што се трудат многу“. Играта за паметни деца била значително помалку популарна меѓу девојчињата.
Игра за паметни деца
Во последното истражување на децата им била прикажана играта „За паметни деца“, а потоа ги прашале дали сакаат да ја играат. Петгодишните девојчиња сакале, додека шестгодишните девојчиња имале значително помал интерес од момчињата.
Коавторката Сара-Џејн Лесли, која учи филозофија на Универзитетот „Принстон“, вели дека во претходните истражувања научниците откриле дека возрасните жени имаат помала веројатност да добијат повисок степен на образование во областите за кои се смета дека е потребна „брилијантност“.
„Овие наоди покажуваат дека стереотипите почнуваат да влијаат врз изборот на девојчињата уште на рана возраст“, вели таа.
912