Кога имал две години, Михаил Мирчески ги рецитирал сликовниците што му ги читала мајка му. Веќе на четири години самостојно читал, пишувал, собирал и одземал
Михаил е единственото дете на семејството Мирчески од Прилеп. Почнал да зборува на 10 месеци. Кога имал две години, ги рецитирал сликовниците што му ги читала мајка му Елизабета. Веќе на четири години самостојно читал, пишувал, собирал и одземал.
– Интересите му се менуваа со растењето, но секогаш одеше до најмалите ситници, детали, подробности на тоа што во моментот го интересираше – раскажува Елизабета.
Михаил Мирчески наскоро ќе биде 9. одделение во училиштето „Кочо Рацин“ во Прилеп. Неодамна учествуваше на Меѓународниот натпревар за астрономија и астрофизика, на кој освои сребрена почест (silver honor). Со неговата мајка Елизабета разговараме за предностите да се има талентирано дете, но и за предизвиците што ги носи напредниот развој. Таа раскажува со што се соочувале додека растел Михаил.
Михаил Мирчески
– Почна да зборува на 10 месеци. Кога имаше две години, ги знаеше и ги пишуваше буквите од азбуката. Негова прва љубов беа диносаурусите. Но тој не се задоволи со податокот дека тие се огромни животни што живееле пред многу милиони години. Требаше да истражиме кога точно живееле, колку видови имало, со што се хранеле, каде точно живееле, какви сѐ остатоци постојат, нивните точни имиња. И, се разбира, сакаше да биде палеонтолог (не археолог затоа што не сакаше да биде валкан) – раскажува Елизабета.
Овие интереси се задржале кај малиот Михаил до тригодишна возраст. На четири години посакал да ја запознае вселената. Родителите му купиле енциклопедии за планетите, Месечината, Сонцето… За петтиот роденден добил телескоп и тогаш првпат му се појавила желбата за астрономија.
– Кога имаше 5 години, сакаше да знае сѐ за човековото тело. Кои се органите, како изгледаат, како функционираат, па купивме енциклопедии за да го научи тоа. Тогаш сакаше да биде доктор, прво за срце (затоа што според него тоа бил најважниот орган во човековото тело), а потоа за мозок (затоа што тоа бил најсложениот човеков орган) – раскажува неговата мајка.
Таа вели дека Михаил го сака пишаниот збор, постојано чита и пишува. Серијалот книги за Хари Потер ги прочитал кога имал 9 години, па често му провејувала желбата да биде писател. И самиот Михаил вели дека сака да пишува кратки приказни и романи, претежно од жанрот фантазија и авантура. Досега напишал неколку.
Во 4. одделение почнале натпреварите по математика. Елизабета раскажува дека училишниот натпревар го поминал како најдобар во генерацијата и наставничката по математика што требало да му предава од 6. одделение отишла да го запознае ученикот што постигнал голем успех.
– Мислам дека тогаш ја засака математиката. Беше пресреќен! Иако одлично ги разбираше математичките проблеми и задачи, негова огромна желба беше да го разбере универзумот – објаснува Елизабета.
Секогаш бил на прво или второ место на општинските и регионалните натпревари по математика, англиски јазик и по германски јазик. Годинава освоил прво место и на општински и на регионален по математика, а на државниот освои трето место. Исто така и по физика освои прво место со 100 поени на општински натпревар, но поради ситуацијата со Ковид-19, не се организирале понатамошни натпревари.
Семејството Мирчески
– Физиката и астрофизиката се негова најголема љубов, како и желбата да студира на МИТ во Америка! За натпреварот по астрономија и астрофизика дознавме од Друштвото на физичарите на Македонија. Натпреварот беше беспрекорно организиран и може да послужи како пример за организација на натпревари во вакви специфични услови во нашата држава – вели Елизабета.
Според неа, да си родител на талентирано дете значи секојдневно да се соочуваш со нови предизвици. За да одговориш на прашањата на четиригодишно дете, треба да читаш стручна литература, да бараш одговори на интернет и кога мислиш дека си одговорил, добиваш ново, уште покомплицирано прашање.
На прашањето како наставниците ги разбираат и задоволуваат неговите потреби за знаење, Елизабета одговара:
– Наставниците ги разбираат и ги задоволуваат неговите потреби за знаење онолку колку што тоа им го дозволуваат општите услови во кои се наоѓа нашиот целокупен образовен систем. Талентираните деца бараат посебни наставни програми, имаат потреба да го развиваат својот талент и знаење и нивниот напредок треба континуирано да се следи. Ним им е потребен поттик преку организирање различни образовни настани во земјата и учество на настани од интернационално ниво каде што ќе разменуваат знаење со нивни врсници од различни култури и нации. Исто така, многу значајно е и обезбедување стипендии од најмала возраст, особено ако се знае колку е скапо студирање на престижните светски универзитети, а нивниот сон од мала возраст се токму тие институции – вели Елизабета.
912