Забранета е кабинетска настава поради промената на училниците. Се носи оброк од дома или училиштето дава соодветно спакуван или како готов производ. Јадат во училницата. Не е дозволено влегување на други лица кога се децата во училниците
Ако има дете или наставник за кој постои сомнеж дека може да е заболен од Ковид-19, епидемиолог ќе направи процена за тоа кој ќе треба да оди во изолација и кои други мерки ќе треба да се преземат. Ако има заболен наставник, кој има симптоми и не може да одржува настава на далечина од дома, во тој случај ќе мора да има заменски наставник кој ќе одржува настава, информира на денешната прес-конференција министерката за образование и наука Мила Царовска, а на која зборуваше и министерот за здравство Венко Филипче.
– Ако се појави позитивен случај меѓу децата, тогаш епидемиолог ќе разговара со наставничката, па со родителите на детето, а за тоа кој сè ќе треба да оди во изолација, вклучително и наставникот, оставено е на процена на епидемиологот. Во секој случај нема да се дозволи групирање на повеќе одделенија, односно повеќе од 20 деца во клас. Ако има позитивен наставник, се постапува исто како кога би имало позитивно дете. Наставата во таков случај може да продолжи да се одржува од дома, онлајн, но ќе има и заменски наставник ако треба примарниот да оди во изолација – рече министерката Царовска.
Таа информира дека за успешна реализација на наставата се работи на онлајн-платформа која наскоро ќе биде презентирана.
– Со физичко присуство ќе може да се започне секаде каде што просторните услови на училиштето го дозволуваат тоа, како и епидемиолошката состојба во тоа место. За децата од прво до трето одделение, училиштето ќе има обврска да организира учење на далечина на оние ученици чии родители се изјасниле дека ќе следат настава од дома. Додека го држат часот наставниците ќе можат да ги вклучат и оние ученици што се дома, во исто време. Можат да го снимат часот и да им го испратат на оние ученици што учат од дома или, пак, да одржат час само за учениците што следат настава од далечина – рече министерката.
Таа кажа дека часот ќе трае 30 минути во основното образование, а во средно 35 минути. Мал одмор ќе трае пет минути, а голем одмор – 15 минути.
Фото: Архива
– Предвидена е проверка на знаењата на учениците, за што Бирото за развој на образованието прави план и начин како ќе се спроведе. Учениците ќе треба да се присутни во училиштето. Исклучок се наставниците со хронични болести, кои ќе треба да поднесат барање до директорот за држење настава од нивниот дом. Ако школото нема добра интернет-конекција, може да се предава од дома. За децата што немаат уреди – училиштето е должно да организира настава со физичко присуство. Ако родителот не се согласува со тоа, тогаш училиштето прави печатени материјали кои ги преземаат родителите. Децата со хронични болести ќе учат од дома. Наставата за средношколците ќе се одвива со физичко и на далечина. Средните училишта, покрај редовната настава, имаат и стручна настава, за што има посебни протоколи во училиштата и во компаниите. Со посветена работа и заеднички напори, ќе имаме успешна година, која стартува на 1 октомври – рече Царовска.
Министерот Филипче изјави дека состојбата со Ковид-19 во нашата земја е стабилна.
– Од 24 до 30 август направени се 9.944 тестови за Ковид-19, а регистрирани се 666 нови случаи, што е практично намалување од 20,6 отсто за разлика од претходната недела. Хоспитализирани имаме 71 пациент, што е намалување за дури 40 посто споредено со минатата недела, а тоа е битно во однос на менаџирањето на болничкиот капацитет. Состојбата е стабилна. Во однос на почетокот на учебната година и реализација на наставата со физичко присуство, препораката на Комисијата е во контекст на максимална претпазливост и превенција од ширење на епидемијата – рече Филипче.
Тој кажа дека заедно со МОН интензивно работеле периодов разгледувајќи ги сите аспекти и трендови во врска со вирусот.
– Имаме предвид дека луѓето сега се враќаат од одмори, а сè повеќе се наоѓаат во затворени простории, на своите работни места, а тоа е нешто што може да е ризик-фактор. И таа зголемена фреквенција може да ја влоши епидемијата. Одлуката за онлајн-настава со исклучоци ја донесовме и врз основа на искуствата на други земји. На пример, во Германија и во Израел, по наглото отворање на училиштата властите беа принудени да ги затворат поради голема трансмисија на вирусот – додаде тој.
Филипче истакна дека наставата за децата со физичко присуство треба да се одвива по строго утврдени протоколи.
Усвоени протоколите за училиштата
Филипче потенцира дека протоколите даваат резултати ако се почитуваат и ако луѓето се придржуваат до нив.
– Во овие услови можеме да одржиме успешна учебна година, а децата што ќе посетуваат настава ќе бидат заштитени. Сите чинители, целиот образовен менаџмент, повикувам да бидат сериозни во пристапот, не смееме да дозволиме ескалација на болеста. Родителите на децата што ќе одат на училиште да разговараат со децата за важноста на почитувањето на овие правила. Оние што се незадоволни, како на пример, средношколците, разбирам дека сакаат да одат на училиште, но овој модел нè штити и вас и нас и вашите роднини. Ова е нужност и е во интерес на здравјето на сите – додаде министерот.
912