Анализата од истражувањата спроведени во десет земји во светот покажала дека една третина од децата (на возраст од 5 до 12 години) поминуваат помалку од 30 минути надвор секој ден
Преубав сончев ден, температурата е околу 20 Целзиусови степени, пирка пријатно ветре во скопската населба Аеродром. Помина 12 часот напладне. Додека ја туркам количката во која спие бебето, а син ми трча кон лулашките, ги одбројувам последните денови од породилното боледување. Пред мене градинка која изгледа совршено. Шарено обоена за да ги привлече малите дечиња. Тревата зелена, искосена „под конец“. Понекое дрво. Останатите ги исекоа пред неколку години со објаснување дека не се безбедни за децата. Нешто недостига во оваа идеална слика, на овој преубав пролетен ден… Деца. Во дворот во градинката нема ниту едно дете. Се разбира, во нашето општество ниту еден ден не смее да избега од рутината во градинката: примање на децата, појадок, час, (ако грее сонце) 45 минути надвор, ручек, спиење, станување, слободни активности со ужина… и дошло времето родителите да си ги земат децата. Се прашувам, зошто кога сме медитеранска земја, кога две третини од деновите во годината се сончеви? Крајно загрижувачки е податокот дека затворениците поминуваат повеќе време надвор отколку децата. Анализата од истражувањата спроведени во десет земји во светот покажала дека една третина од децата (на возраст од 5 до 12 години) поминуваат помалку од 30 минути надвор секој ден. Веќе го објавивме текстот колку Македонците ги изнесуваат своите деца надвор. Но, колку сте задоволни од времето што вашите деца го минуваат надвор додека се во градинка?
Не е тешко да се смени
С.Ѓ., мајка на три деца, вели дека не е задоволна од времето што го поминуваат надвор додека се во градинка. Таа се обидува секој слободен миг кога се дома да го поминат во дворот или некаде во природа.
– До неодамна речиси воопшто не ги изнесуваа децата. Не можам да разберам зошто?
Дворовите се огромни, точно, не баш безбедни, односно со порти расчепени, но со добар надзор од воспитувачка и негувателка, нема да има никаков проблем. Дури и ништо посебно да не прават, можат да си седат и да си разговараат. Во последно време ги изнесуваат надвор. Не знам точно по колку време, но и тоа е успех. Нив и половина час ќе им значи многу. Ќе се изморат, ќе спијат подобро, ќе се проветрат подобро просториите, а тоа значи и помалку вируси и бактерии што циркулираат од дете на дете – вели таа.
Според неа, лесно е да се смени, само треба малку подобар ангажман на одговорните.
– Во цел нормален свет, и тоа во постудени краеви на Европа, децата секој ден се на отворено додека се во градинка, без разлика дали е есен или зима. Си имаат ограничен дел со песок, со играчки и тоа е нивниот свет. Тоа не е скапо да се направи, само некој треба да сака да го направи. Воопшто, ние Македонците сме многу „зиморлив“ народ и тоа многу ми пречи. Јас се трудам да не ги наоблекувам децата, да не се притресувам дали се испотиле и да се учат на секакви услови. Се водам од премисата – нема лошо време за надвор ако децата се соодветно облечени. Ете, многу е просто – вели С.Ѓ.
Секоја среда одат на базен
Антица Иванова живее во Германија. Мајка е на две деца. Нејзината ќеркичка има три години и веќе неколку месеци оди во градинка. Таа објаснува какви се условите во германските градинки.
– Конкретно во нашата градинка децата ги изнесуваат надвор од 11 до 12 часот, па уште еднаш од 14 до 15 часот. Децата што се на претшколска возраст секоја среда во 9 часот наутро одат на пливање со учителките – објаснува Иванова. Таа додава дека секој ден дополнително ги изнесува децата надвор уште по два-три часа. Дури и кога се настинати, кога имаат температура, се разбира, доколу можат да излезат. Вели дека на Германците им е важно со децата да поминуваат време надвор. Или се на игралиште или возат велосипеди заедно.
Ирена Митревска вели дека нејзината ќерка неколку месеци одела во градинка, а потоа ја отпишала. – Додека одеше во градинка, надвор излегуваше по 45 минути. Кога оди со баба ѝ во маалскиот парк, надвор поминува најмалку по три часа. Тоа не е мала разлика – вели таа.
Како е во градинките во Данска? Таму децата секој ден се надвор најмалку два-три часа. Налето постојано се надвор, таму спијат и јадат. Колку внимание обрнуваат на тоа покажува и фактот што секое дете во градинка има соодветна гардероба за секое годишно време. Таква е состојбата во стандардните градинки. Но, постојат и градинки на отворено, т.н. шумски градинки, каде што сè се случува надвор, во природа.
912