Вкупно 34 проекти на основни и средни училишта, кои беа наградени во рамките на програмата „Предизвик за млади истражувачи 2“, на Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР) и на Министерството за образование и наука денеска беа потпишани во Владата.
На денешната церемонија беа презентирани и двата победнички проекти од учениците од првонаграденото основно училиште „Даме Груев“ од Битола и првонаграденото средно училиште „Ванчо Прке“ од Виница.
Премиерот Зоран Заев истакна дека Владата е посветена на поддршката на младите истражувачи за да се остварат нивните идеи и да се реализираат нивните креативни решенија за секојдневните проблеми и прашања со кои се соочуваме сите.
– Градејќи се себеси како лидери и остварувајќи ги своите соништа тука, дома, младите луѓе ја градат и економската иднина на нашата земја. Нам ни се потребни млади истражувачи и ви благодарам почитувани професори и ментори што го препознавате и развивате нивниот креативен потенцијал – рече Заев.
Фото: Влада
Со вкупен фонд од 6 милиони денари и дополнителни 30.000 денари за менторите на учениците кои се дел од овој проект оваа година се стимулира креативноста и се отвора нова димензија и за основците и за средношколците.
Директорот на ФИТР, Јован Деспотовски, истакна дека Фондот веќе втора година реализира Предизвик за млади истражувачи.
– Со над 10 милиони денари поддржуваме проекти на 54 основни и средни училишта од цела земја во кои над 300 ученици и 130 ментори работат на истражувачки проекти од различни области. Секој што ги гледа овие млади деца со право може да каже дека сериозна држава каква што сакаме да бидеме и настојуваме да станеме мора да обезбеди поддршка за нив – рече Деспотовски.
912