Ова е пораката до учениците и родителите од Иле Михајловски, одделенскиот наставник во „Кирил и Методиј“ во Свети Николе
Драги мои ученици!
Секој ден е ден кога од срце посакувам да го научите најважното додека сте во училиште. А најважното не се крие во учебниците, туку во самите вас. Јас само можам да ветам дека секој ден ќе се трудам да го разбудам токму тоа што тлее во вас. Најважно од сè е да научите како да бидете ГОЛЕМИ! ГОЛЕМИ – во СРЦЕ, ДУША, УМ!
А ГОЛЕМ ВО СРЦЕ е оној:
– Кој ги прифатил сите околу себе еднакви на себе!
– Кој со отворено срце ја подал раката на различните од себе!
– Кој ја поделил ужината со другарчето кое нема и открил дека таквата ужина е секогаш повкусна!
– Кој научил дека во училницата наместо МОЕ, го користи зборот НАШЕ!
– Кој зборот ПОТСМЕВ го заменил со зборот ПОДДРШКА!
– Кој наместо СОЛЗИ, на лицето на другарчето измамил НАСМЕВКА!
ГОЛЕМ ВО ДУША е оној:
– Кој под своето чадорче направил место и за друг!
– Кој СОПКАТА ја заменил со ПРЕГРАТКА!
– Кој умее да споделува ЉУБОВ наместо ОМРАЗА!
– Кој умее да РАЗБЕРЕ наместо да ОСУДУВА!
– Кој секогаш ќе го одбере другарчето наместо таблетот или телефонот!
– Кој ќе го носи ранецот на своето другарче со тешкотии во движењето!
– Кој ќе го поттикнува повлеченото другарче да го покаже своето знаење!
– Кој ќе скока и ќе се радува заедно со своето аутистично другарче!
– Кој ќе му покажува како правилно се чита на своето дислексично другарче!
– Кој ќе ја отвори вратата од својот дом и за другарчето без родители!
– Кој својата добрина ќе ја направи да биде светлина во мракот на другите!
ГОЛЕМ ВО УМ!
– Кој своето знаење ќе го користи за да им помогне на послабите во учењето!
– Кој ќе ги освојува сите со зборовите: БЛАГОДАРАМ, ПРОСТИ, ТЕ САКАМ!
– Кој нема да биде мотивиран да биде НАЈДОБАР, туку мотивиран да бидеме НАЈДОБРИ!
– Кој ќе го сподели своето знаење со болното другарче!
– Кој научил колку е важно да се има: ТРПЕНИЕ, РАЗБИРАЊЕ, ПОЧИТУВАЊЕ!
– Кој научил да ЗАШТИТУВА наместо да НАПАЃА!
– Кој научил дека роденденската забава не ја прават ПОДАРОЦИТЕ, туку бројот на ДРУГАРЧИЊАТА!
А за знаењата што треба да ги постигнете во училиште, не нервирајте се. Тука сум јас, кој ќе ви го даде сето свое знаење за да бидете успешни во учењето и пример за добри ученици.
Затоа што не е тешко да направиш добар ученик колку што е тешко да направиш ЧОВЕК!
912