Наставничка со силна порака до сите родители што се мешаат во работата на просветниот работник

Дваесет години работам во училиште. Кога толку долго ја работите истата работа, учите дека на нешто треба да се реагира, а нешто е подобро да се премолчи. Учите веднаш, уште на вратата од училницата да препознаете родител кој навистина е заинтересиран и родител кој нема многу да се меша во образованието на детето. На првиот родителски состанок ќе ви биде јасно со кого ќе соработувате добро, а кој ќе ве гледа како непријател секојпат кога неговото дете нема да ја добие оценката што тој мисли дека требало. Се соочувате и со агресивни родители, со оние што морате да ги смирувате кога детето ќе добие лоша оценка, плашејќи се што би можеле да му направат дома. Оваа листа оди до недоглед, но тоа не е тема на текстот.

Тука сакам да ги потсетам родителите на тоа што е нивна задача во образовниот процес. Или поточно, што не е. Верувајќи дека работа на учителот е просто прикажување на лекциите и проверка на знаењето, родителите во своето незнаење стануваат најголема пречка на патот кон успехот на сопственото дете. Само со тоа што гласно и без воздржување ги преиспитуваат методите и начинот на работа на учителот.

„Зарем не мислите дека е ова многу домашна за нив?“

„Дали им е неопходно толку материјал?“

„Да не е рано да ги учат тие комплицирани математички операции?“

„Моето дете нема да седи до тој и тој, ве молам преместете го“.

Настрана тоа што јас не одлучувам за планот и програмата, но верувајте, ако генерациите пред вашето дете успеале да го совладаат тоа на таа возраст, ќе успее и вашето дете, освен ако не ве слушне како зборувате дека тоа е претешко за него. Тогаш нема ни да се труди. Исто така, распоредот на седење во училницата го одредувам исклучиво ЈАС и точно знам зошто сум го сместила детето таму. Вие во тоа не треба да се мешате, како ни во други работи што се поврзани со планот и програмата и организацијата на наставата.

Тогаш што да прашам?

Сепак, вашата улога постои и е многу важна. Па, ако сакате да го направите најдоброто за своето дете, не преиспитувајте ми ја работата. Ова е листа со прашања што ТРЕБА да им ги поставите на наставниците:

Дали моето дете се однесува добро?
Дали дава сè од себе?
Дали ужива да учи?
Дали моето дете ви изгледа среќно?
Дали моето дете е истрајно кога ќе наиде на тешка задача?
Дали моето дете има пријатели?
Дали моето дете е добар пријател?
Дали постои нешто во што моето дете се истакнува?
Дали моето дете почитува правила и процедури?
Дали моето дете е одговорно?
Дали моето дете се смее?
Дали моето дете размислува зрело?
Дали моето дете е љубопитно?
Што сака моето дете да чита?
Дали моето дете е внимателно на часовите?
Дали моето дете се однесува добро со учителот и другарчињата?
Дали моето дете е креативно?

Ако поставите вакви прашања, гарантирам дека ќе ви се откријат некои работи за вашето дете и ќе пронајдете нови начини да му помогнете да биде подобро и поуспешно. Затоа, ве молам, немојте да поставувате прашања поврзани со мојата работа. Верувајте му на учителот на вашето дете и поддржете го трудот кој тие го вложуваат за да може вашето дете да расте и да се развива така што ќе стане најдобрата можна верзија од себеси.

Автор: Нада Шакиќ

 



912

X