Совладувањето на образовната програма не е едноставно усвојување на наставни содржини. Зад секое ново знаење стојат претходно стекнати знаења и вештини, способноста тие да се задржат, поврзат и функционално да се применат. Токму затоа, кај децата со развојни тешкотии, тешкотијата во учењето не може да се проценува само преку оценката, завршената задача или моменталниот одговор на детето.
Кога одредени основни знаења и вештини не се доволно усвоени, детето продолжува кон нови содржини без стабилна основа. Она што за другите претставува надградување, за него може да биде нова пречка. Со текот на времето, образовните барања стануваат сè посложени, а разликата меѓу очекуваното и реално постигнатото може да се продлабочува. Во таков процес не е доволно да се праша дали детето ја завршило задачата; потребно е да се разбере што навистина усвоило, што може да задржи и дали стекнатото знаење може да го примени без постојана помош.
Долготрајното вложување напор без соодветен резултат има и друга димензија. Кога детето повторно и повторно се соочува со барања што не успева да ги достигне, учењето може да почне да се поврзува со неуспех наместо со напредок. Мотивацијата се намалува, а со неа може да се промени и перцепцијата на сопствените способности. Детето не само што има тешкотија да реши одредена задача, туку постепено може да развие чувство дека самото учење е подрачје во кое не е успешно.
Оттука последиците можат да се прошират и надвор од образовното функционирање. Несигурноста, избегнувањето, повлекувањето или отпорот не секогаш се одвоени од тешкотијата што детето ја доживува. Кај некои деца фрустрацијата се манифестира преку повлекување и намалена иницијативност, кај други преку раздразливост, импулсивност или отпор кон барањата. Кога истовремено се споредува со врсниците и станува свесно за разликите во своето постигнување, може да се наруши и чувството на компетентност и припадност.
Затоа образовното, емоционалното и социјалното функционирање на детето не се одвоени подрачја. Начинот на кој детето учи, неговото искуство со успехот и неуспехот и сликата што ја гради за сопствените способности се меѓусебно поврзани. Образовната тешкотија не го определува сама по себе неговиот развој, но долготрајното несоодветствување меѓу барањата и неговите можности може да има пошироки развојни последици.
Во овој процес и прифаќањето од страна на родителот има своја тежина. Сфаќањето дека детето има развојно отстапување или тешкотија во одредена функционална област може да биде емотивно сложено и не секогаш се случува веднаш. Реалното согледување на способностите на детето не значи намалување на неговите можности, туку создавање појасна основа за нивно развивање. Кога очекувањата се усогласени со неговото функционално ниво, целите можат да бидат доволно достижни за да создаваат искуство на успех, но и доволно поттикнувачки за да овозможат напредок.
Затоа вистинското образовно постигнување не се исцрпува во репродукција на содржината или во успешно завршена задача. Тоа се препознава во знаењето што останува, вештината што може да се пренесе во нова ситуација и постепеното намалување на зависноста од туѓа помош. На тој начин учењето станува основа не само за понатамошното образование, туку и за развивање на компетентноста, функционалната самостојност и сигурноста на детето во сопствените можности.
Автор: Александра Сабрас Апостолова, дефектолог