За важноста на раната интервенција, детскиот развој и како правилно да ја препознаеме разликата помеѓу стимулативна и преоптоварена средина, разговараме со Ангела Мирчевска Силигунис. Таа е специјален едукатор, рехабилитатор и лиценциран неврофидбек-терапевт, која својата мисија ја остварува во Центарот за рана интервенција, превенција и стимулација „Мултиверзум“ во Скопје.
- Што точно вклучува работата на еден развоен терапевт (специјален едукатор) и во кои клучни области од детскиот развој Вие директно помагате?
Како специјален едукатор, работам во повеќе развојни области: груба и фина моторика, когнитивен развој, внимание и концентрација, говор и комуникација, како и социјални и емоционални вештини. Секоја од овие области се развива преку активности приспособени на индивидуалните потреби на детето.
- За какви тешкотии или отстапки во развојот (моторика, внимание, социјална интеракција) можат да Ви се обратат родителите?
Родителите може да се обратат доколку забележат доцнење во развојот, тешкотии со внимание, концентрација и учење, предизвици во говорот и комуникацијата, сензорни чувствителности, како и тешкотии во социјалната интеракција и однесувањето.
- Зошто е важно да не се чека „само да помине“ и каква е предноста на раната интервенција?
Важно е родителите да не чекаат затоа што раната интервенција може да направи голема разлика во развојот на детето. Кога поддршката почнува навреме, детето има многу поголеми шанси да напредува природно, побрзо да ги развие своите потенцијали и да ги надмине тешкотиите со помал напор и повеќе успех.

- Како родителите да направат разлика помеѓу стимулативна средина и претерана сетилна стимулација?
Ова е многу чест проблем кај сегашните родители кои се бомбардирани од многу информации. Родителите може да направат разлика преку реакцијата на детето:
- Стимулативна средина: го поттикнува детето да биде активно, но фокусирано – детето учи, истражува и е ангажирано без да изгледа преоптоварено.
- Престимулирачка средина: детето често покажува знаци на замор, раздразливост, плачливост, повлекување или тешкотија да се концентрира.
Најважно е да се следи однесувањето: ако детето станува немирно или „се губи“ во активноста, тоа е сигнал дека има премногу стимули.
- Која е Вашата главна препорака за родителите кои во моментов се соочуваат со дилеми или страв во врска со развојот на своето дете?
Мојата главна препорака е да не чекаат и да не се надеваат дека тешкотиите ќе се надминат сами. Раното препознавање и навременото реагирање се клучни. Колку порано се започне со поддршка, толку е полесен, побрз и поефективен процесот.
Исто така, важно е родителите да се потпираат на стручни лица бидејќи индивидуалниот пристап и професионалната процена прават голема разлика. Со правилна насока и соработка, секое дете има шанса да го достигне својот целосен потенцијал.