Децата покажуваат интерес за врсниците од најрана возраст, но разбирањето на поимот пријателство се менува со развојната возраст на детето, односно со нивото на развиеност на когнитивните способности. И покрај разликите во сфаќањето на пријателството, развојната психологија вели дека со растењето децата поминуваат сè повеќе време со врсниците, а постепено сè помалку со родителите и другите возрасни.
Во периодот на раното детство детето покажува интерес за други деца. На пример, бебиња од шест месеци се смеат, допираат или ги набљудуваат другите бебиња. Сепак, овие однесувања не се многу чести бидејќи бебињата најчесто се насочени кон предмети. Во овој период доминира заедничкиот интерес за играчка или предмет. Во периодот на рано детство, родителите имаат важна улога да обезбедат можности за дружење со врсници, со што се поттикнува развојот на социјалните вештини. Истражувањата покажуваат дека децата што повеќе се дружеле со врсници полесно воспоставуваат контакт со нови деца.
Во предучилишната возраст се забележува постепено увежбување и усовршување на врсничките односи, при што играта има клучна улога. Двегодишно дете не се игра исто како шестгодишно. Со возраста децата сè повеќе се вклучуваат во заедничка игра. Играчките активности стануваат посложени од едноставни моторни активности до создавање, градење итн. Во овој период се формираат првите пријателства, а пријател се дефинира како „некој што ми се допаѓа“. Врсничките односи му помагаат на детето да развива социјални вештини, да учи како да решава конфликти, да развива емпатија и да ги разбира моралните вредности. Карактеристично е дека децата се имитираат меѓусебно, но и стануваат сè послични со своите пријатели. Покажуваат поголема подготвеност да му помогнат на пријател и изразуваат повеќе позитивни емоции кон него. Играта и односите според возраста се одликуваат на 2 години ги набљудуваат другите деца, играат самостојно, 3-4 години играат еден покрај друг, разговараат, но без заедничка игра, 5-6 години – учествуваат во заедничка игра со заедничка цел.

Во училишната возраст пријателствата стануваат подлабоки и треба да се засноваат на доверба, блискост и поддршка. Децата почнуваат повеќе да ги вреднуваат личните карактеристики отколку активностите. Чести се и конфликти меѓу пријатели, но тие не значат крај на пријателството, напротив, покажуваат сигурност и можност за искрено изразување и напредок. Разликата меѓу конфликт и насилство е во намерата, кај насилството постои желба да се повреди другиот, што создава нерамнотежа на моќ.
Родителите имаат значајна улога во развојот на пријателствата. Со овозможување дружења и преку играње улоги можат да му помогнат на детето да научи како да воспоставува контакти. Некои деца повеќе сакаат да си играат сами, што е сосема во ред, тоа може да укажува на интровертност, што не значи дека имаат слаби социјални вештини.
Автор: м–р психолог Христина Стефановска