Образование

Училиште во Босна и Херцеговина воведе целосна забрана за мобилни телефони

Основното училиште „Фра Дидак Бунтиќ“ во градот Читлук (Босна и Херцеговина) донесе историска одлука за целосна забрана за внесување мобилни телефони и други дигитални уреди во училишните простории. Одлуката е донесена едногласно од страна на училишниот одбор, по предлог на наставниците и во тесна соработка со родителите.

Забраната стапува во сила на 4 мај 2026 година и ги опфаќа сите ученици. Единствен исклучок се децата што мора да поседуваат телефон поради дијагностицирани здравствени состојби, за што е потребна официјална потврда од здравствена установа.

Покрај телефоните, нови правила и за изгледот

Со цел да се зачува угледот на институцијата и да се заштити детската природа, училиштето воведе и дополнителни измени во Куќниот ред. На учениците отсега им се забранува:

  • Шминкање, лакирање нокти и фарбање на косата.
  • Несоодветна облека: забранета е претесна и непристојна облека која не му доликува на основно училиште.
  • Енергетски пијалаци и цигари: строга забрана за внесување алкохол, енергетски сокови, како и обични и електронски цигари.

Зошто се воведуваат овие строги мерки?

Управата на училиштето смета дека дигиталните содржини и предвременото „возрасно“ однесување им ги крадат најубавите денови на децата. Целта е да се поттикне вистинско дружење и разговор меѓу учениците.

-Сакаме децата да останат деца што е можно подолго – здрави, опуштени и неоптоварени со дигиталниот свет. Нашата мисија е тие да растат во здрава и социјално прифатлива средина – порачуваат од училиштето во Читлук.

Оваа иницијатива веќе предизвика позитивни реакции во целиот регион, како пример за тоа како образовните установи можат да преземат одговорност во дигиталната ера.

Извор

Поврзани написи

To top