Здравје

Истражувањата откриваат: Плановите за исхрана што ги дава ВИ се несоодветни и ризични за адолесцентите

Вештачката интелигенција (ВИ) сè почесто се користи за планирање на оброците, но кога станува збор за исхраната на тинејџерите, резултатите се загрижувачки. Новото истражување објавено во научното списание „Фронтиерс ин нутришн“ предупредува дека препораките од алатките на вештачката интелигенција се неточни и потенцијално опасни за развојот на младите.

Зошто вештачката интелигенција не е добар советник за исхрана?

Истражувачите тестирале пет познати модели на вештачка интелигенција (вклучувајќи ги „Чет-ГПТ“ и „Џемини“) за да создадат диети за тинејџери со прекумерна телесна тежина. Резултатите покажале сериозни отстапувања од препораките на професионалните диететичари:

  • Недоволно енергија: Алатките ги потцениле енергетските потреби на адолесцентите за околу 700 калории дневно.
  • Неправилен сооднос на хранливи материи: Плановите често вклучувале премногу протеини и масти, а значително помалку јаглехидрати отколку што му се потребни на организмот во развој.
  • Ризик од нарушувања во исхраната: Советите од типот „избегнувајте ја оваа храна“ или „избери поздрави опции“ кај тинејџерите можат да предизвикаат чувство на вина, незадоволство од сопствениот изглед и ризик од сериозни психолошки нарушувања поврзани со храната.

Како да разговарате со вашето дете за користењето на овие алатки?

Целта не е да се забрани технологијата, туку да се развие критичко размислување кај децата.

  • Бидете љубопитни, а не строги: Прашајте ги што пребаруваат и која е нивната мотивација. Наместо со прекор, пристапете со зборовите: „Разбирливо е што истражуваш, на интернет навистина има многу информации!“
  • Објаснете ги ограничувањата: Кажете им дека овие програми не го познаваат нивното специфично тело, здравствена историја или потребите за раст. Тие само комбинираат податоци од интернет кои често се неточни.
  • Слушање на сопственото тело: Научете ги дека на телото му е потребна храна за да расте, детето да биде фокусирано и да се чувствува добро, а не за да ги исполни критериумите на некој алгоритам.
  • Понудете сигурна алтернатива: „Ако имаш прашања за твоето тело или за храната, секогаш можеме да разговараме со стручно лице кое навистина ги разбира твоите потреби.“

Знаци дека вашето дете има проблем со сликата за своето тело

Дури и со најдобра комуникација, децата можат да паднат под влијание на социјалните мрежи. Внимавајте на следниве знаци:

  • Промени во исхраната: Прескокнување оброци, целосно исфрлање на одредени групи намирници или опсесивно пресметување на калориите.
  • Социјално повлекување: Избегнување на семејните вечери или ситуации каде што се послужува храна.
  • Самокритичен говор: Чести коментари како „дебел сум“, „премногу јадев“ или нагласена потреба да се биде „поздрав“.
  • Прикривање на телото: Носење премногу широка облека за да се сокрие формата на телото или прекумерно вежбање со единствена цел да се промени изгледот.

Адолесценцијата е клучен период за формирање на идентитетот и перцепцијата за сопственото тело. Наместо да се потпираат на софтвери, на младите им е потребна поддршка од родителите и од стручни лица кои го разбираат сложениот процес на нивниот физички и емотивен развој.

Извор

Поврзани написи

To top