Исхрана

Педијатрите советуваат: Обичниот јогурт е безбеден за деца од 6-месечна возраст

Мултидисциплинарен панел од експерти наведува дека обичниот, незасладен јогурт може да се воведе во исхраната на бебето уште од 6-тиот месец како дел од дохраната. Тој обезбедува корисни хранливи материи и живи микроорганизми, а истовремено помага да се отстранат честите заблуди за употребата на млечните производи кај доенчињата.

Тимот составен од педијатри, нутриционисти, гастроентеролози и микробиолози заклучи дека јогуртот ги поддржува здравјето на цревата, имунолошката функција и општата исхрана.

Ферментирана храна во исхраната на децата

Ферментираната храна често се препорачува за подобрување на разновидноста на исхраната. Сепак, некои намирници како кимчи или мисо имаат премногу силен вкус за малите деца, додека кефирот може да содржи мали траги од алкохол. Наспроти нив, јогуртот и свежите сирења се најдобри опции бидејќи нудат калциум и корисни микроорганизми во поблага форма.

Зошто јогуртот е толку корисен?

Луѓето консумираат јогурт повеќе од 4.000 години, а неговите благодати првпат биле забележани кај балканските народи. Нутритивно, тој е извор на:

  • Висококвалитетни протеини и есенцијални аминокиселини.
  • Калциум, магнезиум и фосфор.
  • Витамини од Б-групата (вклучувајќи фолат).
  • Живи микроорганизми кои ја подобруваат дигестијата.

Процесот на ферментација ја зголемува биолошката вредност на овие материи, правејќи ги полесни за апсорпција во организмот на бебето.

Препораки за воведување на јогуртот

  • Кога: По 6-тиот месец, додека мајчиното млеко или адаптираното млеко и понатаму остануваат главен извор на храна.
  • Како: Започнете со мали количини, измешани во кашички со овошје или зеленчук.
  • Каков: Исклучиво обичен, природен јогурт без додадени шеќери или засладувачи (најдобро до втората година).
  • Толеранција: Јогуртот добро го поднесуваат дури и бебиња со интолеранција на лактоза, бидејќи ферментацијата го намалува количеството на лактоза и го олеснува варењето.

Mитови

Научните докази не ги поддржуваат верувањата дека јогуртот предизвикува негативни состојби. Еве ги фактите:

  • Не предизвикува воспаленија, ниту секрет: Спротивно на верувањата, млечните производи не го зголемуваат создавањето на шлајм, ниту ги влошуваат симптомите на астма.
  • Не предизвикува кариес: Природниот јогурт може да го подобри оралното здравје преку реминерализација на забите, под услов да нема додаден шеќер.
  • Не е поврзан со појава на акни: Ферментираните производи имаат антиинфламаторно дејство кое може да биде дури и заштитно за кожата.

Јогуртот не се класифицира како ултрапреработена храна сè додека не содржи адитиви, бои и вештачки засладувачи. Тој е едноставна, традиционална и здрава намирница за секое дете.

Извор

Поврзани написи

To top