однесување Прашај психолог училиште

Во училиште не ги почитува правилата, не слуша и се задева со децата, а таков е и дома… Што стои зад таквото однесување?

ПРАШАЊЕ: Би сакала да ве прашам за совет во врска со моето дете кое има 6 години.  Во последно време имаме доста проблеми со неговото однесување, како дома така и во училиште. Во училиште често не ги почитува правилата и инструкциите од учителката, не слуша кога ќе му се каже нешто и речиси секој ден се задева или влегува во конфликт со соучениците.
И дома имаме слична ситуација. Кога ќе му кажеме нешто или ќе побараме да направи нешто, многу ретко реагира веднаш. Најчесто мора да му повториме по 10 пати, а понекогаш и тогаш не послушува, сè додека не станеме построги или не му се заканиме со казна. Свесен е дека за одредено однесување ќе биде искаран дома, но и покрај тоа повторно го прави истото. Имаме чувство дека во моментот кога ќе му кажеме нешто, едноставно не сака да послуша, иако знае дека тоа што го прави не е во ред. Дополнително, сè уште имаме проблем со мокрење во гаќи. Во училиште преку ден нема такви проблеми, но дома понекогаш се измочува во гаќи, а особено често тоа се случува навечер додека спие.  Би сакала да ве прашам на што би можело да се должи ваквото однесување на оваа возраст и како правилно да постапиме.
Дали би било добро да направиме и разговор/процена со детски психолог за да се утврди што точно стои зад ваквото однесување?

ОДГОВОР: Ова што го опишувате во вашиот исказ образложува проблеми во однесувањето кое може да наликува на тестирање на граници, но да ја нема истата природа. Понекогаш се случува детето да ги знае правилата и последиците, а сепак во моментот да има тешкотии со вниманието, импулсивноста, саморегулацијата, толеранцијата на фрустрација или социјалните вештини. Бидејќи сличното однесување се јавува и дома и во училиште, би препорачала психолошка процена за да се види што стои во неговата основа, наместо само да се зголемуваат казните и заканите.

Дома обидете се со кратки и јасни инструкции, една по една, без десеткратно повторување. Пријдете му, воспоставете контакт, кажете што очекувате и пофалете го веднаш кога ќе постапи соодветно. Последиците нека бидат логични и доследни, а не закани во момент на лутина. Најважно родителско прашање во ваква состојба не е: „Како да го натераме да слуша?“, туку: „Што му отежнува да слуша и која вештина треба да ја развиеме заедно?“ Границите се нужни и  значајно потребни, но најдобро функционираат кога се поставени со смиреност, доследност и разбирање.

Посебно внимание треба да се обрне на мокрењето. Особено за ноќното мокрење важно е прво да се исклучат можни педијатриски причини, а притоа детето никогаш да не се засрамува или казнува поради тоа.

Психолошката процена може да помогне да се проценат вниманието, извршните функции, импулсивноста, емоционалната регулација и социјалното функционирање, како и да се утврди кои конкретни стратегии би му помогнале.

Одговара: Христина Стефановска, психолог за деца и адолесценти, Здружение „Психит“, е-пошта: hristina_psihologija@yahoo.com

To top