однесување Прашај психолог

Син ми има право само на 50 мин. дневно на мобилен, па во знак на протест ништо не нè слуша. Не помагаат ни казни ни смирени разговори… Што да направам?

ПРАШАЊЕ: Моето дете има скоро 11 години и имаме проблем со користењето на телефонот и друга технологија. Има правило колку часа на ден да го користи. Неколку години оди и се враќа сам од школо, па имам активирано програма на мобилниот, а кога ќе дојде дома е ограничен на 50 минути. Ова време го има потрошено додека да дојдеме од работа и ако има простор, добива и играње на компјутер. Цело време се лути за ограничувањата, а е многу расеан, ништо не завршува или не довршува комплетно од обврските од школо, за сè одговорот му е „заборавив“, воопшто не е сконцентриран и не сака ништо да нè послуша во знак на протест за да добие целодневна слобода за користење на телефонот. Еднаш му дадов слобода, но се покажа дека станува насабајле и одма игра игрички и цел ден си седи на телефонот со кратките видеа на „Јутјуб“. Не помагаат ниту казни, ниту мерки, ниту смирени објаснувања. Што да правам за да сфати дека не е во ред прекумерното користење на телефонот?

ОДГОВОР: Денес технологијата, игрите и кратките видеа се направени да го задржат вниманието што е можно подолго, и кај децата и кај возрасните. На децата на оваа возраст често им е многу тешко самостојно да ја регулираат употребата на екраните, особено кога станува збор за активности што носат брзо задоволство, голема возбуда и постојана стимулација.

Исто така, кога децата ќе се навикнат на кратки содржини и моментална награда, многу им е тешко да го задржат вниманието на активности што бараат повеќе време, трпение и посветеност, како домашните задачи и учењето. Прекинувањето на активноста која носи многу возбуда обично предизвикува силна фрустрација, голема лутина и отпор. Кај некои деца прекумерната употреба може да прерасне и во зависност, поради што е многу важно навреме да се воспостават здрави граници.

На возраста на која е вашето дете, самоконтролата, способноста за одложување на задоволството и регулирањето на силните емоции сè уште се развива. Затоа, на детето му е потребна помош од вас родителите за постепено да научи како да се справува со овие состојби. Границите и доследноста се многу важни.

Она што веќе го правите е добра основа и разбирам дека сте се обидувале на различни начини да му помогнете. Сепак, кога правилата и начинот на нивното спроведување често се менуваат, детето може да добие впечаток дека тие не се сосема предвидливи. Еднаш следува казна, другпат разговор, а понекогаш и целосна слобода. Во таква ситуација, тој може да продолжи да ги тестира границите, надевајќи се дека овој пат ќе биде поинаку.

Како родители, од различни причини понекогаш попуштаме или пробуваме различни начини да му помогнеме на детето. Тоа е разбирливо. Но, кога границите постојано се менуваат, детето потешко учи што може да очекува и полесно влегува во секојдневни преговори и конфликти. Затоа е важно да изберете правила што можете реално да ги спроведувате и да останете доследни во нив. Заеднички направете договор.

Исто така, добро е да размислите како времето по училиште да биде исполнето со активности што ќе му донесат задоволство, движење и контакт со другите деца. Не е доволно само да му се каже „нема телефон“, важно е да има и нешто друго што ќе му биде привлечно. Тоа може да бидат спорт и тренинзи, игра надвор, дружење со врсници, заедничко готвење, друштвени игри или некоја активност во која ќе може да се почувствува успешен и вклучен. Движењето, играта и непосредниот контакт со другите се многу важни за неговиот развој.

Би било добро да има јасни правила и дневна структура што ќе важат секој ден. Телефонот и конзолата ноќе нека бидат надвор од неговата соба. Договорете кога се завршуваат училишните обврски, кога има време за одмор и игра, а кога може да користи екран. Притоа, имајте предвид дека на детето може да му бидат потребни кратки паузи додека учи, наместо да очекувате да седи и да работи без прекин додека не заврши сè.

Дозволете му и да му биде досадно бидејќи досадата може да биде поттик за креативност и самостојно осмислување на активностите. Редовно потсетувајте го на заедничките договори и можете да го прашате колку време смета дека е разумно да игра, а потоа и вие да го кажете своето мислење. Не мора секогаш да се најдете точно на средина, но важно е да го слушнете и истовремено да ја задржите родителската одговорност за конечната одлука.

Исто така, важно е да направите разлика меѓу доследноста и казнувањето. Доследноста не значи да го оставите детето само со својата лутина или да го игнорирате додека плаче. Можете да останете со него, да го сослушате, да го утешите и да му покажете дека разбирате колку му е тешко, а истовремено да не ја менувате одлуката. На пример: „Знам дека си лут и дека многу сакаш да продолжиш. Тука сум со тебе и ќе ти помогнам да се смириш, но времето за екран заврши.“ Така детето учи дека неговите чувства се прифатливи, дека не мора само да се справува со нив, но и дека силната лутина не значи дека секоја граница ќе се промени.

Нашата задача како родители не е децата постојано да бидат среќни, туку да им помогнеме да научат да чекаат, да се трудат и да го поднесуваат незадоволството.

Билјана (Манасова) Јовановиќ, https://www.facebook.com/PsihoterapevtManasova

To top