Здравје

Што навистина кажуваат новите истражувања за „тирзепатидот“ и доењето

Кога д-р Александра Сова, лекарка од Њујорк, отворила профил „Инстаграм“ за да сподели новости од истражување, таа не очекувала дека нејзината објава ќе допре до илјадници нови мајки. Во видеото таа објаснува дека ниската доза на „тирзепатид“ (2,5–5 мг) – лек ГЛП-1 попознат под брендот „Мунџаро“ (првично наменет за третман на дијабетес 2 кај возрасни) – е прогласена за безбедна за време на доење според прелиминарните податоци.

-Не станува збор за трка кон слабеење. Станува збор за безбедни опции за жените засновани на докази – истакнала таа.

Што покажува науката?

Според „Лактмед“, раните докази покажуваат дека „тирзепатидот“ едвај се открива во мајчиното млеко во дози до 5 мг. Бидејќи „тирзепатидот“ е голем пептиден молекул и се уништува од ензими во желудникот, малку е веројатно дека ќе биде апсорбиран од новороденчето. Во малата група што била проучувана не биле пријавени несакани ефекти кај доените бебиња.

Сепак, „Лактмед“ повикува на претпазливост, особено кај новороденчиња и предвремено родени бебиња. Податоците се прелиминарни и потребни се повеќе истражувања за да се разберат можните ефекти врз снабдувањето со млеко – точка што самата д-р Сова ја нагласува во коментарите.

Мајките имале прашања

Под објавата на д-р Сова, стотици жени се вклучиле со прашања. Неколку од најчестите теми се безбедноста, информираноста, влијанието на лекот врз производството на млеко и слично.

-Би советувала да не се започнува со лекот додека не се воведе цврста храна. Сепак, знаеме дека справувањето со инсулинската резистенција всушност може да го зголеми снабдувањето. Исто така, молекулата не е наменета да се вари, туку би била уништена од ензимите во желудникот. Затоа се инјектира – истакнала лекарката.

Зошто е ова важно за мајките

Со децении мајките што дојат мораа да се справуваат со фрустрирачки недостиг на податоци за тоа како лековите можат да влијаат врз нивните бебиња. Дури и широко користените лекови честопати се етикетирани како „непрепорачливи“, едноставно затоа што никој не ги проучувал кај жени што дојат – не затоа што се штетни.

Што треба да знаат родителите

-Разговарајте со вашиот лекар. Секоја ситуација е различна.
-Размислете за времето. Експертите препорачуваат претпазливост во периодот на ексклузивно доење и предлагаат да се почека додека не се воведе цврста храна, доколку е можно.
-Не престанувајте сами со доењето. Прелиминарните податоци не покажуваат причина да се прекине доењето ако на мајката ѝ е потребен „тирзепатид“, но заедничкото носење одлуки со лекарот е клучно.

Мајките што дојат заслужуваат податоци

Бидејќи сè повеќе жени по породувањето бараат поддршка за метаболичко здравје, им требаат насоки засновани на докази, а не општи предупредувања.

Засега, раните наоди се охрабрувачки: ниската доза на „тирзепатид“ едвај се открива во млекото и веројатно нема да се апсорбира од доенчињата. Но, приказната не е завршена. Потребни се повеќе студии, а мајките заслужуваат место на истражувачката маса.

Автор: Химанши Бахугуна

Извор

Поврзани написи

To top