Како да знаете дали вашето бебе развива воспаление на увото, што експертите го нарекуваат отитис медија? Две од три деца ќе имаат барем една инфекција на увото пред да наполнат 2 години.
По настинка или респираторна инфекција понекогаш може да се развијат инфекции на средното уво. Бидејќи вашето бебе не може да ви каже точно што го боли, вие треба да бидете „детектив“.
Инфекциите на увото може да бидат вирусни или бактериски, а доенчињата се посклони на нив поради структурата на нивното уво.
Евстахиевата туба го поврзува средното уво со задниот дел на носот. Поради тоа што е мала и порамно поставена, течноста може да не биде добро отстранета, овозможувајќи да се размножуваат бактерии.
Дали станува збор за воспаление на увото?
Педијатарот може да ги прегледа ушите на бебето и да постави точна дијагноза. Можете да помогнете во олеснувањето на болката со топла облога на воспаленото уво и со давање лек за болка специјален за доенчиња. Побарајте од вашиот лекар табела за дозирање според тежина и возраст бидејќи овие лекови се даваат во зависност од тоа.

Педијатарот може да препорача да почекате ако симптомите се благи, бидејќи во 80 отсто од случаите ситуацијата се подобрува сама. Но, ако вашето бебе има 6 месеци или е помало, треба да се користат антибиотици за да се спречи посериозна инфекција.
Инфекција на уво
Инфекциите на увото можат да бидат многу болни. Вашето бебе може да развива или да има инфекција на уво ако забележите некој од следниве знаци:
- Истекување слуз од увото;
- Температура над 38 °C;
- Нервоза или плачење при хранење;
- Се буди ноќе, особено по настинка.
Ризици за појава на воспаление на уво кај бебето
Вашето бебе е поизложено на инфекции ако:
- неодамна имало настинка или респираторна инфекција;
- ако околу него има пушачи;
- користи цуцла;
- предвреме е родено;
- машките бебиња почесто имаат инфекции на уво;
- оди во градинка;
- има семејна историја на инфекции на уво.